Илјада пати „не” од Палестинците за мировниот план на Трамп

Палестинците го отфрлија мировниот план за блискиот исток на американскиот претседател, Доналд Трамп, оценувајќи дека станува збор за заговор против нивните интереси.

Планот на Трамп декларативно предвидува создавање палестинска држава,  но уште позначајно, го признава израелскиот суверенитет над еврејските доселенички населби на Западниот Брег.

Ерусалим ќе остане ”неподелен” главен град на Израел, но и палестинскиот главен град ќе вклучува делови од источен Ерусалим.

Реагирајќи на помпезно најавуваниот мировен план на Трамп, палестинскиот претседател Махмуд Абас оцени дека станува збор за шамарот на векот, кој Палестинците го нема да го заборават.

  • Сакам да им кажам на двајцата, Трамп и Нетанјаху, дека Ерусалим не е за продажба и дека сите наши права не се за продажба, ниту за тргување и вашиот план за заграбување земја нема да помине.

Илјада пати кажуваме “не” за вашиот таканаречен договор на векот, директно му одговори Абас на Трамп.

Истовремено, илјадници Палестинци одржаа протести во појасот Газа, додека израелската војска распореди дополнителни воени сили во окупираниот Западен Брег.

Овој план, чија исклучително амбициозна цел е да му стави крај на еден од најдолготрајните и најтешки конфликти во светот, не е дело на некој врвен американски дипломат, туку на зетот на Трамп, сопругот на Иванка, Џеред Кушнер.

Стоејќи до израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во белата куќа, Трамп оцени дека неговиот план би можел да биде последната шанса за Палестинците.

  • Сакам овој договор да биде одличен договор за Палестинците. Мора да биде. Денешниот договор е историска шанса за Палестинците конечно да добијат своја независна држава. По речиси 70 години без напредок, ова би можела да биде последната шанса која воопшто ќе ја добијат. И тоа последна, заради голем број причини.

Пресреќен од договорот е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој во недела се очекува пред својот кабинет да го претстави планот за анексирање на 30% од окупираниот Западен Брег.  Израел досели околу 400 000 евреи во населбите на Западниот брег, додека уште 200 000 живеат во Источен Ерусалим. Овие населби се сметаат за незаконски според меѓународното право.

 

Никола Илиевски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ