
Храбри новинари, „семејни посети“ и закани
Парим Олури, еден од основачите на он лајн медиумот Инасјдер, познат по истражувачкото новинарство,вели дека од основањето пред две години до сега, овој медиум објавил повеќе од 100 истражувања и разоткрил десетици корупциски и други афери. Објавувањето на истражувањата е попречено со закани кои кулминираа во август минатата година, кога три лица физички го нападнаа во вечерните часови кога со вереницата се враќаше дома. Случајот веднаш го пријавил во полиција, но го чуди тоа што полицијата бараше помош од граѓаните во идентификување на напаѓачите.
„Ме чудат многу околности. Прво, фактот што поминаа пет-шест месеци. Им дадов три имиња, а и државите институции имаат база на податоци на граѓаните на Косово. Можат да ги споредат и многу брзо да дојдат до резултати“, вели Олури.
Тој не знае точно, кое истражување е причина за нападот, но сигурен е дека сето тоа е поврзано со неговата новинарска работа. Во тој период објавив серија текстови во кои се спомнуваат многу команданти на ОВК кои денеска се корумпирани повоени бизнисмени, така што мислам дека нападот дојде како реакција на тие написи.
„Покрај мене, и косовската полиција ја оцени ситуацијата како опасна и несигурна. Кога ја оцени мојата ситуација за ризична, полицијата ми препорача легално да се наоружам“, објаснува Олури.
Неодамнешното искуство на новинарката на тиражниот дневен весник „Коха Диторе“, Саранда Рамај, немаше за епилог физички напад. На оваа храбра новинарка, која четири години се занимава, главно, со истражувачко новинарство, и се заканувале повеќе пати заради објавување на бројни афери, но не ни сонувала дека ќе отидат толку далеку, да испратат заканувачки пораки преку нејзините родители.
„Дојдоа дома и разговараа со моите родители,во доцните вечерни часови. Непознати луѓе за кои моето семејство, конкретно моите родители,никогаш не слушнале, бидејќи ретко разговарам со нив за мојата работа, и им рекоа: Во ред е како известуваше до сега, но веќе нека не известува. Тоа беше нивната порака, а оставија и визит картичка која беше на име на една многу висока државна институција – Националната канцеларија за контрола. Оставија телефонски број и порачаа дека можам да се сретнам со нив“, раскажува Рамај.
Вели и дека и претходно имало обиди да се стапи во контакт со неа, преку трети лица, па дури и била нудена компензација за да не ги објавува своите сознанија.
„Според моите информации, актерите кои учествуваа во тоа, признале вина. Освен тоа, отишле и чекор понатаму и признале дека првобитниот извештај е повлечен и дека е променет делот кој се однесува на прекршувањата во Државното обвинителство. Во завршниот извештај тој дел беше отстранет“, вели Рамај.
Кон крајот на минатата година Асоцијацијата на новинари на Косово објави истражување за безбедноста на новинарите. Петрит Чолаку, новинар и истражувач, вели дека во 2017 година, во однос на 2016 година, е зголемен бројот на закани кон новинарите.
„До крајот на декември регистриравме 24 случаи, додека во полиција се пријавени нешто повеќе од 30 случаи, но во базата на податоци се 24, меѓу кои и два физички напади. Еден е напад на имот, а повеќето се вербални напади: телефонски закани или испраќање пораки до новинарите преку други лица. Има и закани преку Фејсбук, преку социјалните мрежи“, изјави Чолаку.
Чолаку вели дека до сега се решени само два случаи, еден од 2014 година и вториот од 2016 година, и новинарите очекуваат поголема ефикасност на органите за безбедност, на полицијата и на судовите.
„Забележано е дека годинава, напаѓаат новинари кои се занимаваат со истражувачко новинарство, бидејќи во своите настапи и во објавените текстови, главно, обвинуваат високи личности, силни фигури кои се „мотаат“ наоколу“, вели Чолаку.
Парим Олури смета дека отворањето на многубројни он лајн медиуми го заострува односот на политичарите кон новинарите. Претседателот или премиерот, не можат да преговараат, на пример, со 300 медиуми за да спречат да се објави некое истражување, така што нивните проблеми сега се спуштија на терен, на улица, вели Олури.
Саранда Рамај оценува дека пропагандата е поопасна од физичкиот напад.
„На Косово, групите на интерес се многу силни. Не познаваат партии, ниту го признаваат правосудниот систем. Односно, правсудството и партиите се во служба на тие групи на интерес, а не обратно. И поединци од различни партии припаѓаат на иста група на интерес. За жал, овие групи ги „купија“ еден дел од медиумите , главно преку реклами“, објаснува Рамај.
Чолаку вели дека новинарите сакаат правда и дека казнената политика мора да се промени. Во спротивно, пораката е следна: одам, се заканувам и претепувам еден новинар и на крајот сум осуден со 200-300 евра и ослободен, без поголеми проблеми.
Виолета Ороши Беришај