Хаос на британската политичка сцена заради Брегзитот

Британската влада ќе се обиде да најде начин да го вметне договорот за Брегзит на Тереза Меј на дневниот ред на Британскиот парламент и покрај тоа што Спикерот на долниот дом, Џон Беркоу донесе одлука со која го загрози целиот процес.

Шокирајќи ја владата но и се понервозната јавност, Беркоу соопшти дека нема да дозволи трето гласање во наредните денови за суштински истиот предлог кој пратениците го отфрлија минатата недела.

Беркоу се повика на преседан во работата на законодавниот дом од 1604-та година, според кој предлог кој не ја добил поддршката на пратениците , не може повторно да биде ставен на гласање во истата законодавна сесија, доколку не биде суштински променет.

Спикерот на долниот дом утринава одби да одговори на прашањата на новинарот на ББЦ, додека се обидуваше да влезе во законодавниот дом.

На 11 дена пред Обединетото Кралство да ја напушти ЕУ на 29-ти Март,  повеќе министри во владата на Меј предупредија дека на државата и се заканува уставна криза.

Тереза Меј постигна договор со ЕУ но тој мора да биде поддржан и од пратениците, кои веќе два пати , со огромно мнозинство го отфрлија предлог на нејзиниот кабинет. Се помалку разбирање за хаосот на британската политичка сцена има и во Европската Унија.

Министерот за Брегзит, Стивен Баркли, оцени дека спикерот Беркоу донел сериозна одлука која министрите сериозно ќе ја разгледаат. Тој сепак додаде дека владата ќе најде начин да обезбеди уште едно гласање, доколку претходно успее да убеди поголем дел од пратениците да го променат својот став за договорот на Меј.

Најголемите подржувачи на Брегзитот се бесни и заради најавите дека во оваа ситуација , Меј ќе мора да побара подолго одложување на Брегзитот, наспроти најавеното покусо одложување , доколку пратениците во евентуалното трето гласање го прифатеа постигнатиот договор за напуштање на Европската Унија.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ