
Хамас и Израел договорија примирје
Палестинската сунитско исламистичка групација „Хамас“ и Израел се согласија за прекин на огнот, соопшти портпаролот на радикалната палестинска група, која го контролира Појасот Газа. Милитантите лидери на Хамас прифатија примирје за кое посредуваа ООН и Египет по вчерашната серија воздушни напади на израелската авијација врз повеќе позиции на групата во Газа.
„Ќе го почитуваме се додека и израелските окупатори го почитуваат. Ако окупацијата повторно почне со својата агресија, тогаш отпорот ќе мора да одговори“, вели портпаролот на Хамас, Хасем Касем.
Во најобемната воздушна операција по завршувањето на војната во 2014-та година, израелската авијација изврши десетици напади во кои загинаа четворица Палестинци. Претходно палестински снајперист застрела израелски војник на границата со појасот. Според израелските власти воздушната акција била преземена затоа што милитантите на Хамас во текот на минатата недела истрелале повеќе од 200 ракети на израелска територија.
„Ова е размена на удари и тоа не завршува со еден напад. Не можам да ги утешам тие кои ги претрпеа најтешките загуби, тоа е многу тешко да се прифати, но сите знаеме дека сме ангажирани во долгата битка на Ционизмот“, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
До сега 130 Палестинци загинаа во протестите кои започнаа во март и се одржуваат секој петок поради израелската блокада на појасот. Речиси една деценија трае израелската блокада на Газа, која Тел Авив ја постави во обид да го поткопа влијанието на Хамас во појасот. Блокадата ја уништи економијата во Појасот и според податоците на ОН повеќе од 800.000 Палестинци, дури 40 проценти од работоспособната популација се невработени. Светската организација проценува дека Газа до 2020 година ќе стане непогодна за живот доколку не се промени тековната економска ситуација.
Игор Трајков