Грција протера руски дипломати, Москва враќа со иста мера

Грчките власти протераа двајца руски дипломати а на двајца други им забранија влез во државата поради наводно поткопување на државната безбедност. Според грчките медиуми, дипломатите работеле на прибирање материјали со кои подоцна сакале да поткупуваат грчки владини претставници. Дипломатите, пренесуваат медиумите, се обиделе на некој начин да влијаат на чуствителни прашања во Грција, особено во преговорите за спорот со името на Македонија. Москва одговори дека ќе преземе реципрочни мерки, како што е вообичаено во овие случаи.

Во текот на март 25 земји протераа руски дипломати, откако европските лидери заклучија дека Русија најверојатно е одговорна за труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Но Грција тогаш не им се приклучи. Атина од секогаш се обидувала да ги заштити блиските односи со Москва и одлуката за протерување на дипломатите била донесена откако било утврдено дека Русија засилено се обидува да го зголеми своето влијание во Грција.

Но според анонимните владини извори цитирани во грчките медиуми, Атина и покрај протерувањата ќе се обиде да ја задржи блиската соработка со Москва.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ