Грета Тунберг го одбележа самитот на ОН за климатските промени

Климатскиот самит на Обединетите нации заврши денеска, со внимателни честитки за сработеното но и остри реакции на незадоволство за тоа што не успеа да го оствари.

Сепак, самитот ќе остане запаметен по жестоката осуда на 16-годишната еколошка активистка Грета Тунберг, која ги осуди светските лидерите за тоа што го опиша како недоволна амбиција и за загрозување на иднината на младите генерации. Тунберг денеска заедно со уште 15 деца од целиот свет поднесе петиција за нарушување на човековите права до комитетот за заштита на правата на децата на светската организација против 5 најразвиени светски држави, заради непреземање мерки за зачувување на климата.

Тоа што сакам да го направам е да го подигнам вниманието на оваа криза и јасно да ставам до знаење дека пред 30 години вие ја потпишавте Конвенцијата за правата на детето и светските лидери не успеаа да го остварат тоа што го ветија. Тие ветија дека ќе ги заштитат нашите права, но не го направија тоа” – изјави Тунберг.

Видео снимката која на социјалните мрежи има стотици илјади реакции и споделувања е моментот кога Тунберг е замолена да го почека влезот на бројната американска делегација во ОН предводена од Трамп, пред да може да излезе.

Доколку погледот може да убие, САД во моментов ќе беа без претседател, е веројатно најдобриот коментар за начинот на кој младата Грета реагираше на американскиот претседател.

Трамп на Твитер го исмеваше 16-годишното девојче, објавувајќи го нејзиното жестоко видео обраќање  со коментарот: “Ми личи на среќно младо девојче кое со нетрпение ја очекува својата светла и прекрасна иднина. Многу убаво да се види”.

Чувствителен на критиките е и францускиот претседател, Емануел Макрон, кој ја критикуваше Тунберг за многу радикалниот пристап.

Франција заедно со Германија, е меѓу 5-те држави против кои 16-те деца поднесоа жалба.

 “Кога велам дека ние ќе ја затвориме индустријата за јаглен и дека ќе запреме да ископуваме нафта и гас – тогаш одиме напред. Мислам дека не е најефикасен чекор. Сметам дека младите сега треба да вршат притисок врз оние кои прават опструкции и да учествуваме во многу конкретни постапки – има многу граѓански акции кои се користи. Но, со ваквите радикални позиции, може да се поларизираат нашите општества” – оцени Макрон.

Амбициозна агенда за борба против климатските промени најави претседателот на Европската Комисија , Доналд Туск, кој подвлече дека 25% од долгорочниот буџет на ЕУ ќе биде посветен за климатските активности и дека со серија мерки ќе се стимулираат зелените инвестициони активности на приватните инвеститори.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ