
Грчкиот парламент ќе расправа за доверба на владата на Ципрас
Во 12 часот по локално време, во грчкиот парламент ќе започне седницата на која ќе се расправа за довербата на владата на Ципрас.
Предвидено е расправата, со говор, да ја отвори и да ја затвори грчкиот премиер, а обраќања ќе имаат и лидерите на политичките партии.
Гласањето најверојатно ќе се случи утре на полноќ, а за да се изгласа доверба потребни се 151 пратеник. До овој заплет на настаните во грчката политика дојде откако во саботата коалицискиот партнер Независни Грци, на чело со министерот за одбарана Панос Каменос одлучи да ја напушти владината коалиција. Ципрас и Каменос не се согласија за Договорот од Преспа, по што Каменос одлучи да се повлече и да не гласа за ратификација на Договорот.
Пратеникот од Река, Спирос Данелис ќе гласа „ЗА“ со што се чини дека веќе се собрани неопходните 151 глас.
Спирос Данелис од Река, вчера имаше средба со лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис, кој според грчките медиуми, му дал ултиматум на пратеникот да му ја соопшти одлуката.
Река нема да гласа за доверба на Владата, додека пак за ратификацијата на Договорот од Преспа, секој пратеник ќе гласа според своето лично убедување.
Не е исклучена можноста, според медиумите во Грција, Данелис да биде исклучен од пратеничката група на Река. Освен Данелис, позитивно за доверба на Владата ќе гласаат и четворица пратеници од Независни Грци, министерката за туризам Елена Кундура, заменикот министер за земјоделство, Василис Кокалис и пратениците Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис, како и независната пратеничка и алтернативна министерка за цивилна заштита, Катерина Папакоста. Овие шест пратеници, заедно со 145те на СИРИЗА се доволни за Владата на Ципрас, на гласањето утревечер да добие доверба од Парламентот.