Границата на ирскиот остров е последната кочница на договорот за Брегзит

Ирската граница е последниот проблем во преговорите за британското напуштање на унијата, откриваат британските медиуми преку владини извори. Примарната грижа и за Брисел и за Лондон, беше трговската граница која ќе се создадеше на Ирскиот остров, и какво влијание ќе има таа на британската економија. Преговорите, според британските извори, заглавиле на планот „Б“, опцијата во случај да не се постигне договор за идните трговски односи пред Лондон да ја напушти унијата.

Не смееме да дозволиме ова несогласување да спречи добар договор и да не остави во ситуација во која не би имало договор и која никој не ја посакува. Продолжувам да верувам дека постигнат договор е најдобрата опција за Обединетото Кралство и ЕУ, категорична е Меј.

Поставените рокови извесно е дека ќе бидат пробиени. Граничните проверки и застојот кој тие го предивикуваат е опција која сите сакаат да ја избегнат. Унијата предложи Северна Ирска да остане во заедничкиот пазар и под европските правила но британската влада тврди дека тоа ќе го наруши интегритетот на кралството. Премиерката Меј понуди целата земја да остане во заедничкиот пазар за одреден период по официјалното напуштање на унијата. Британските предлози беа отфрлени од Брисел, европските предлози пак, отфрлени од Лондон.

Не смееме да дозволиме нашиот заеднички пазар, кој навистина е нашата компетитивна предност, да биде уништен од такво повлекување. Затоа ова бара голема доза на финеси. И ако не се успее оваа недела, мораме да продолжиме да преговараме, тоа е јасно, но времето истекува, смета германската канцеларка Ангела Меркел.

Потрагата по компромис премиерката Меј го плаќа со висока политичка цена,  особено во нејзината партија и владин кабинет. Планот од Чекерс, повлече низа оставки од владата, првиот бран беа иницијаторите и лидери на кампањата за напуштање на унијата. Вториот бран, кој наводно се подготвува, се нејзини соработници кои по овој развој на преговорите, ја обвинуваат дека ја предала идејата за Брегзит. Меј меѓутоа, се надева дека договор ќе биде простигнат токму на престојниот самит.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ