Гоув: ЕУ одбива да преговара за нов договор за Брегзит

Министерот во владата на Велика Британија, Мајкл Гоув, изјави дека ЕУ се чини дека одбива да преговара со Обединетото Кралство за постигнување договор за Брегзит.

Гоув, кој е задолжен за планирањето на можниот Брегзит без договор, подвлече дека е длабоко растажен затоа што Брисел не сака да преговара со владата на Борис Џонсон.

“Длабоко сум растажен затоа што ЕУ сега се чини дека одбива да преговара со Обединетото Кралство. Премиерот беше многу јасен дека сака да преговара за добар договор со ЕУ и ќе ја употреби сета енергија на владата со цел да обезбеди дека во духот на пријателството ќе може да постигнеме нов договор. Значи, потребен ни е нов пристап и што и да се случи, иако остануваме подготвени и имаме волја да преговараме, ЕУ мора да го почитува фактот дека ние се заминуваме на 31-ви октомври – со или без договор” – изјави министерот во владата на Велика Британија, Мајкл Гоув.

Изјавата на Гоув доаѓа откако Европската Унија оцени дека барањето на владата на Џонсон да се отстранат одредбите за ирската граница од договорот кој го постигна Тереза Меј, не се прифатливи за официјален Брисел. Слична порака, дека договорот за напуштање на ЕУ, кој го постигна Тереза Меј, не може да биде одново преговаран испрати и премиерот на Ирска, Лео Варадкар.

Европската Комисија соопшти дека е подготвена да одржи дополнителни разговори, доколку Обединетото Кралство подобро ја објасни својата позиција.

Договорот за напуштање на ЕУ кој го постигна Тереза Меј, досега три пати беше отфрлен од пратениците во британскиот парламент.

Според високи дипломатски извори од ЕУ, Брегзит без договор се чини дека е централното сценарио кое го посакува Обединетото Кралство.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ