Големи протести во Бразил против мерките за штедење на претседателот Болсонаро

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на најголемите градови во Бразил, протестирајќи против големите мерки на штедење во системот на јавното образование, во првиот израз на незадоволство од политиките на новиот Претседател на државата, крајниот десничар Жаир Болсонаро.

Плоштадите и булеварите во Сао Пауло и Рио де Жанеиро се исполнија со илјадници студенти, ученици и професори кои се бесни заради укинувањето на речиси 2 милијарди долари од  системот на финансирање на јавното образование, од основните училишта до универзитетите.

Образовните експерти, професорите и студентите се особено загрижени заради укинувањето на 30 проценти од дискрециониот буџет на сите федерални универзитети, кој се користи за плаќање на сметките за основните режимски трошоци, како струја и вода, за обезбедување, хигиена и одржување.

“Јас сум научник на докторски студии во Сао Пауло и моето поле се молекулите кои ја корегираат ДНК. Овие мерки ќе го осакатат функционирањето на лабораторијата. Потребни ни се пари за реагентите и за експериментите” – изјави Марсела Латансија, докторант по биотехнологија на универзитетот Сао Пауло.

Ултра десничарот Болсонаро, кој ја презеде функцијата Претседател на Бразил на 1-ви Јануари, ги нарече демонстрантите корисни идиоти и имбецили.

Уште од почетокот на својата претседателска кампања, тој ветуваше дека ќе го унапреди образовниот систем во Бразил, најмногу преку отстранување на, како што велеше, вградената марксистичка идеологија и преку зголемување на безбедноста во училиштата каде што има насилство.

Откако ја презеде функцијата, тој најавува и ревидирање на учебниците со цел да се отстранат сите споменувања на феминизмот, хомосексуалноста или насилството против жените.

Иако во најголем дел, протестите беа мирни, во вечерните часови во Рио де Жанеиро поголема група демонстранти се судри со полицијата, која употреби солзавец, во обид да ги растера.

Демонстрантите запалиле и еден автобус и фрлале со камења кон полицајците.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ