Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, предупредува: Брегзит без договор е се поверојатен

Излез од ЕУ без договор е се поверојатен но се уште може да биде избегнат, изјави главниот преговарач на ЕУ за Брегзитот.
Мишел Барние оцени дека сега остануваат само два избори пред Обединетото кралство, откако пратениците не успеаја да се договорат за последните предлози за Брегзит – излез без договор или подолго одложување за конечно усвојување на договорот на Премиерката Меј.
“Сега одговорноста, целата одговорност е на владата на Обединетото Кралство да избере една од овие две опции. Излез без договор не беше никогаш нашето посакувано или планирано сценарио, брегзит без договор не беше никогаш моето посакувано или планирано сценарио, но 27-те членки на ЕУ сега се подготвени. Со секој поминат ден тоа станува се поверојатно” – изјави Барние.
Пратениците на британскиот парламент, гласаа вчера за 4-те алтернативи на планот за Брегзит на Британската премиерка, но ниту една од нив не доби поддршка од мнозинство на пратениците.
Најблиску до добивање поддршка од мнозинството беше предлогот за царинска унија на кој му недостасуваа 3 гласа за да биде усвоен.
Предлогот за втор референдум беше поддржан од најголем број пратеници, но сепак беше поразен.
Според сегашниот план, Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ на 12-ти Април, но се уште може да бара одложување.
Секретарот за брегзит во владата на Меј, Стивен Баркли, на пратениците им кажа дека доколку сакаат да обезбедат дополнително одложување од официјален Брисел, владата ќе мора да достави кредибилен предлог за тоа што ќе преземе во престојниот период,.
Европскиот преговарач Барние, изјави дека секое ново одложување носи дополнителни и значителни ризици за ЕУ.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ