Германските демохристијани и социјалдемократите постигнале договор за нова влада

Двете најголеми политички партии во Германија денеска постигнаа договор за формирање на нова влада. Речиси пет месеци по одржаните парламентарни избори, демохристијаните на Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц постигнаа компромис околу политиките и кадровските решенија во новата влада. Но, сепак, останува уште еден мал детаљ кој мора да се расчисти пред Ангела Меркел да го започне четвртиот мандат.

Конечно бел чад од Берлин. По речиси петмесечна неизвесност и повеќенеделни мачни преговори, демохристијаните и социјалдемократите се согласија да продолжат онаму каде што застанаа пред изборите на 24 септември минатата година. Германија по вторпат едноподруго би можела да добие влада на ткн. Широка коалиција. Преговорите траеја три дена подолго од предвиденото, а копјата се кршеа околу две спорни теми: договорите за работа и здравственото осигурување.
Големо изненадување од меѓупартиските преговори е најавениот влез на лидерот на СПД, Шулц во идната влада. Имено Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент, се најавува како иден германски министер за надворешни работи. Социјалдемократите ќе го добијат и министерското место во финансиите, кое се смета за клучно за реализација на нивната програма која предвидува нов бран јавни инвестиции во инфраструктурата и образованието. Истовремено, промените во германското министерство за финансии би можеле да значат и крај на политиката на штедење која Берлин им ја наметна на државите-членки на еврозоната.

Канцеларката Меркел и нејзината партија мораа да направат големи отстапки за да го обезбедат новото парламентарно мнозинство. И конзервативците на Меркел и социјалдемократите на последните избори ги постигнаа историски најлошите изборни резултати. Алтернативата за формирањето нова широка коалиција беа нови предвремени избори, кои пак ја зголемуваат опасноста од натамошен подем на десните радикали и на популистичката АФД.

За Меркел, формирањето на коалицијата сепак ќе биде успех, имајќи предвид дека прогнозите беа оти евентуалниот неуспех на преговорите ќе значеше и крај на нејзината политичка кариера. Германија беше без влада во период кога и Европа и светот се соочуваат со бројни кризи и предизвици.

Сепак, работата се уште не е докрај завршена. Имено, конечниот збор за учеството на Социјалдемократите во владата треба да го даде партиското членство на директно референдумско изјаснување. Гласањето на околу 450 илјади членови на СПД се очекува да се случи за најмногу две до три недели. Неизвесноста како ќе мине тоа изјаснување е голема, затоа што лидерот на социјалдемократите Шулц и на партискиот конгрес доби тесно мнозинство за влегување во коалициски преговори со конзервативците. Многу социјалдемократи стравуваат дека уште четири години во коалиција со Меркел ќе го уништат имиџот и идентитетот на нивната партија, која веќе со години сѐ повеќе се доближува до политичкиот центар, но и тоне во анкетите.

Борис Георгиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ