Германија одобри клиничко истражување на вакцина за Ковид-19

Германскиот Сојузен институт за вакцини и биомедицина им одобри на компаниите „БиоНТех“ и „Фајзер“ да започнат со првични клинички истражувања на кандидати за вакцина против Ковид-19.

Првичното истражување ќе опфати приближно 200 здрави испитаници на возраст од 18 до 55 години и целни дози од еден до 100 микрограми, за да се утврди оптималната доза за натамошната студија, но и да се процени безбедноста и имуноста на вакцината, односно степенот на можност за заштита на организмот.

Истражувањето, исто така, ќе ги процени ефектите од повторена имунизација за тројца од четворица кандидати за вакцина, кои користат уРНА или модРНА. Испитаниците со поголем ризик за сериозна коронаинфекција ќе бидат вклучени во вториот дел од студијата.

„Германската „БиоНТех“ и американската „Фајзер“ заедно ја развиваат вакцината БНТ162, а ова е прво клиничко истражување на кандидати за вакцина против коронавирусот во Германија и дел од светската развојна програма“, стои во заедничкото соопштение на двете компании.

„Фајзер“ и „БиоНТех“ очекуваат наскоро да добијат одобрување и од здравствените власти во САД и таму да почнат со испитување и истражување.

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ