
Г20 почнува во Буенос Аирес, Украина и Кашоги меѓу главните теми
Светските лидери пристигнаа во Аргентина на годишниот самит на 20-те најразвиени земји. Тензиите меѓу Украина и Русија поради инцидентот во Керченскиот Теснец, трговската војна меѓу САД и Кина, како и убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги ќе бидат главните теми на разговорите. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кого западните медиуми го посочуваат како нарачател на убиството на Кашоги, е исто така меѓу присутните.
Што се однесува до принцот кој присуствува на самитот, Саудиска Арабија е постојан член на Г20, затоа тој присуствува, па го имаме и ова прашање за кое се дискутира и кое го шокираше светот и можеби ќе биде дискутирано билатерално, или не, или пак како тема на Г20, рече аргентинскиот претседател Маурисио Марки, пред почетокот на самитот.
Поради засилените тензии меѓу Украина и Русија, по инцидентот во Азовското море кога беа запленети 3 украински борбени бродови и нивните екипажи, американскиот претседател ја откажа планираната средба со Путин на маргините на самитот. Затоа што украинските морнари и бродови не беа вратени на Украина од Русија, одлучив дека ќе биде најдобро за сите засегнати страни да ја откажам планираната средба во Аргентина со претседателот Владимир Путин, напиша Трамп на твитер.
Покрај трите кофликтни прашања на самитот ќе се разговара и за климатските промени, глобалното управување, трговијата, вработувањата, образованието и финансирањето на одржлива аграрна структура.
Игор Трајков