
Франција ги потврди првите случаи на кинескиот коронавирус во Европа
Франција ги потврди првите два случаја на кинескиот коронавирус во Европа, соопшти министерката за здравство Ањез Бузин. Најверојатно има и други случаи на заразени во Европа, додаде министерката и ги предупреди граѓаните кои патувале во Кина и на кои им се појавиле симптомите да ги избегнуваат чекалниците во амбулантите за итни случаи.
Во чекалниците всушност луѓето ризикуваат да дојдат во контакт со други лица, изјави Бузин.
Првите случаи на заразени во Европа доаѓаат откако кинеските власти воведоа ограничувања на движењето, затварајќи го јавниот превоз и регионалниот сообраќај во 13 градови во провинцијата Хувеј. Светската здравствена организација изрази скептицизам за мерките кои опфатија 36 милиони жители на провинцијата. Нејзиниот претставник за Кина, Гуден Галеа изјави дека до сега никогаш не биле спроведени вакви мерки за заштита на јавното здравје.
Колку што јас знам, обидот да се стави под контрола град од 11 милиони жители е нов пристап во науката. Никогаш не било испробано како мерка за заштита на јавното здравје и во овој момент не можеме да кажеме дали ќе функционира или не, изјави Галеа.
Последните бројки кои ги објавија кинеските власти се 26 починати и 830 заразени.