
Финиш на изборите за новиот состав на Европскиот Парламент
Последен ден од изборите за новиот состав на Европскиот Парламент, на кои националистите жестоко ги предизвикуваат про-европските партии.
Повеќе од 400-тини милиони луѓе имаат право на глас на изборите кои се одржуваат во 21 земја членка на ЕУ, откако претходните денови заврши гласањето во 7 членки на унијата.
Во цела Европа, крајно-десничарските националистички партии во координирана кампања ги напаѓаат позициите кои традиционално ги држеа партиите на левиот и десниот центар, кои во секој состав на Европскиот парламент досега имаа доминантна улога.
Италијанската лига ги здружи силите со сличните партии од радикалната десниц, како германската АефДЕ, Партијата на Финците, Данската Народна партија за да ја создаде ткн Европска Алијанса на народите и нациите, во обид да ја променат политичката слика во Европскиот парламент.
Иако националистите и евроскептиците во моментов се меѓу најмалите групи во Европскиот Парламент, поддршката за овие анти-имиграциони партии се зголеми по изборите од 2014-тата година.
“Ова се први избори по миграциската криза од 2015-та година. Во многу држави во Европа, луѓето немаа шанса да го изразат своето мислење за овој проблем, кој се уште е актуелен и ќе стане уште поважно прашање во наредните години, дури и децении. Затоа е значајно за Европа и Унгарија ќе ја одигра својата улога и јасно ќе ставиме до знаење дека ја отфрламе миграцијата и би сакале да видиме лидери во Европската Унија кои ја отфрлаат миграцијата и би сакале целосно да ја запрат а не да ја контролираат” – оцени унгарскиот Премиер, Виктор Орбан.
Пораз на националистичките и популистичките партии е заедничкиот приоритет на партиите на левиот и десниот центар. Ова е и клучната порака на Манфред Вебер, од Европската народна партија – најголемата политичка групација во моментов во Европскиот Парламент, кој важи за фаворит да го замени Жан Клод Јункер како нов Претседател на Европската Комисија.
“Нашите приоритети се јасни. Јас не скам да видам радикално десничарска, популистичка Европа, оние кои сакаат да ја уништат идејата на заедништвото на европско ниво, но исто така сум против Европа во рацете на левицата, која сака да забранува, да контролира, да спроведува поголеми даноци, ние во тоа не веруваме” – подвлече Манфред Вебер.
Последните гласачки места денеска ќе се затворат околу 23 часот во Италија, но очекувањата се дека неколку часа порано, Европскиот Парламент ќе започне да ги објавува проценките и предвидувањата.
Мандатот на актуелните европратеници ќе заврши на 1-ви Јули а новиот состав ќе ги заземе своите места во Стразбур наредниот ден.
Никола Илиевски