
Фатална туристичка посета на вулкан во Нов Зеланд
Фатално завршила туристичката посета на вулканскиот кратер на осторовот Вајт Ајленд во Нов Зеланд. Во моментот кога 50-тина туристи се наоѓале во близина на кратерот, вулканот еруптирал – исфрлил врела пареа, карпи, и отровни гасови. Луѓето во близината, панично бегале, а брзо реагирале и екипажот од бродот со кој туристите допатувале до Белиот Остров. Медицинските екипи извлекле 23-ца. Сите се со тешки изгореници, но петмина од нив не издржале и во болница им подлегнале на повредите. 18 од спасените се во тешка состојба. Но, она што е најстрашно е што 20-тина луѓе останаа заробени на островот. Полицијата изврши неколку надлетувања и соопшти дека не се забележани знаци на живот. „Полицијата верува дека секој кој бил жив веќе бил спасен за време на евакуацијата од островот“, се вели во соопштението. Во моментов , не може да се стапне на островот. Ризично е, и целата површина е покриена со бел прав.
- Во оваа фаза, премногу е опасно за полицијата и спасувачките служби да одат на островот. Но, продолжуваме со проценка на условите кои би ни дозволиле да одиме на островот, кој во моментов е прекриен со пепел и вулкански материјал, изјави Џон Тимс, од национланата полиција во Нов Зеланд.
Новозеландската премиерка потврди дека судбината на повеќе луѓе, е неизвесна, но се прават напори за да се извлечат останатите.
- Знам дека има голема загриженост и вознемиреност за саканите, кои биле на и околу островот, но ве уверувам дека полицијата прави се што може, вели премиерката ЏАсинда Ардерн.
Туристите се од различна националност. Еден од нив сподели видеа и фотографии за ситуацијата на островот. Тој со семејството го посетил кратерот 30-тина минути пред вулканската ерупција. На снимките се гледа и група посетители покрај кратерот во време кога вулканот се активира.
Вулканолозите предупредиле дека вулканот покажува зголемена активност, па поради тоа го зголемиле и нивото на опасност во изминативе денови. Објаснуваат дека денешната негова активност е како да си го прочистил грлото, и никој не знае дали ќе има нова ерупција во наредните 24 часа.
Вајт Ајленд инаку е во приватна сопственост, а вулканот на овој остров се вбројува во најактивните во Нов Зеланд. Островот има пречник од десетина километри и не е населен, годишно го посетуваат околу 10.000 туристи.
Алиса Шутиноска