Fake news како политичка програма

Огромниот број лажни вести, со кои јавноста во Босна и Херцеговина секојдневно се засипува, доведе на чекор до тоа да е речиси небитно што е точно, а што не.

Лажните вести се се подоминантни во јавниот простор и не се гледа соодветен начин тој галопирачки тренд да запре. Исто така, ниту еден сегмент на општеството не се бори против оваа епидемија.

Милкица Милојевиќ, долгогодишен уредник и новинар на босанското издание на „ЕуроБлиц“, вели дека лажните вести ги прават „порталоиди“, кои се анонимни и како такви немаат никаква одговорност за пласираните вести.

„Тогаш таканаречените мејнстрим медиуми, вклучувајќи го и Јавниот сервис на Република Српска, тоа го пренесуваат и го валоризираат“, укажува Милојевиќ на суштината на проблемот.

Кога мејнстрим медиумите и Јавниот сервис ќе преземат лажна вест од кој било анонимен медиум, дури тогаш тоа станува вест и добива значење и ознака на наводна вистинитост.

„Најодговорни се таканаречените вистински медиуми, без оглед на тоа што не ги произведуваат. Тие ги продаваат. Тие ја ставаат таа етикета“, вели Милкица Милојевиќ.

Драган Бурсаќ, колумнист на Ал Џезаира и овогодишен добитник на најголемата европска награда за новинарство, European Press Prize, има сличен став. Истакнува дека fake news  на нашите простори не се никаква новост, туку дека нивната употреба трае со децении, иако на овој разорнувачки феномен му се посветува огромно внимание во последните две години.

„Летоска бев на универзитетот Рајтс во Бостон, слушав предавања на некои нобеловци и пулицеровци, кои зборуваа за феноменот на поствистина и fake news. Некаде на средина од тоа предавање, сфатив дека ние го измисливме тоа 1989 година на Газиместан и потоа, како ученик-почетник, се јавував да им објаснам дека ние одамна го имаме тоа. Така што, лажните вести ние ги доведовме до совршенство, толку до совршенство, што веќе не обрнуваме внимание, освен што сега во светот се иновација“, вели Бурсаќ.

Тој, исто така, укажува на јавните сервиси како најголем извор на овој проблем.

„Кај нас е интересно тоа што лажните вести доаѓаат од врвот, од телевизиите кои имаат национална фреквенција. На тие луѓе им плаќаме претплата и тие многу добро играат со сето тоа. Ги прават експериментите кои почнаа уште кон крајот на 80-тите и во почетокот на 90-тите години и колку што гледам, феноменално им оди и ќе ги има и понатаму“, рече Бурсаќ.

Извори на лажните вести, без сомнение, се сите оние структури на општеството кои имаат за цел да ја релативизираат стварноста и да го свртат вниманието на јавноста од битните работи на прашањата кои во тој момент им одговараат на тие структури.

„Што се однесува до креаторите, тоа се луѓе кои се ангажирани за такви работи од страна на тие исти структури и во принцип, да бидам најконкретен, мислам дека позади тоа стојат политичките партии“, укажува Елдин Кариќ, директор на Антикорупциската мрежа ACCOUNT, која примарно се бори против ендемските проблеми на БиХ – криминалот и корупцијата.

Покрај ова, може да се констатира дека лажните вести станаа ендемски проблем и дека постојат таканаречени фарми на кои се креираат и вистински лажни вести. Тие фарми се сместени во непосредна близина на водечките политичари.

Куриозитет на БиХ е што составен дел на тие фарми станаа и образовните установи, одредени факултети, на чие чело се личности избрани со раката на водечките политичари.

„Политичарите се едни од главните генератори на тие приказни бидејќи нивните политички неуспеси се обидуваат да ги прикријат со тоа што пласираат информации за кои во тој момент сметаат дека се најважни и на некој начин, повторно велам, го насочуваат вниманието на оние теми кои всушност се тема на нивното политичко делување. Тоа е она на што се цели со производството на тие лажни информации познати како fake news“, ги прецизира најголемите виновници Кариќ.

Со неговата оценка, во најголема мера, се согласуваат и Милојевиќ и Бурсаќ.

„Факт е дека кај нас не се знае прецизно кој кому е услужен сервис – политичарите на тие медиуми или медиумите на тие политичари, па потоа ги прават тие пинг-понг вести, каде политичарот зборува нешто што е полувистина, па потоа медиумот тоа го претвара во вистина, во наводници, и потоа тоа им се сервира на граѓаните како апсолутна вест. Секако, тоа нема никаква врска со реалноста, но проблем е што политичарите никогаш не се повикани на одговорност, медиумите понекогаш се, а во реалноста, повторно не се случува ништо. Значи, никој не е санкциониран. Мислам дека во БиХ никој не бил санкциониран за лажна вест“, вели Бурсаќ.

Според него, тоа не треба да зачудува, бидејќи не треба да се заборави дека во БиХ не постојат ниту закони за забрана за негација на злосторства и геноцид.

„Тоа е така. Политичарите можат, да речеме, директно да ја искривуваат историјата и не само што не се казнети, туку се наградени на избори. Значи, го користат тоа како погонско гориво. Така што, тоа е неверојатно феноменално во негативна смисла“, истакна колумнистот на Ал Џезаира Балканс.

Новинарката на „ЕуроБлиц“ смета дека на оние кои ја имаат моќта во БиХ не им е во интерес било каква борба против лажните вести бидејќи таквите вести им одговараат токму ним.

„Полесно е вака: ти продавам лажна вест, ти ќе се позанимаваш со неа…Многу е лесно сешто да му се продаде на народот како вест, намерно не велам на граѓаните, кои се уште пред избори велат: знаете, сите се исти“, вели Милојевиќ.

Бурсаќ истакнува дека против лажните вести можеме да се бориме единствено со вистина, иако тоа во моментов во БиХ делува утопистички.

„Факт е дека во Република Српска има неколку медиуми, но нивната сила во смисла на емитување и на покриеност е занемарлива во однос на ова. Факт е дека, ајде да речеме ние независните, што и да значи тоа, навистина го работиме нашиот дел од работата. Но, знаете како, ако јавноста не е едуцирана, ако од друга страна е заплашена, ако е егзистенцијално застрашена и ако живее во тој некој матрикс постојано 30 години, многу е тешко без едукација на најмладите, буквално од едукацијата на децата да развиваат самокритичко мислење, а потоа и критичко мислење“, вели колумнистот на Ал Џезаира.

Единствен, најефикасен и најефектен начин за борба против лажните вести е во јавноста да се пласираат точни информации и да се презентираат вистинските проблеми во општеството, а тоа се, пред се, корупцијата и криминалот, заедно со останатите нерегуларности и неправилности, чии генератори, по правило, се властите на сите нивоа.

„Борба против fake news или лажните вести, сега вие да се обидете да ги демантирате, мислам дека е сизифовска работа. Не можете да произведете толку контраинформации или информации кои ќе ги негираат лажните вести, колку што тие можат да произведат лажни вести. Така што, повторувам, мислам дека суштината е во правњето приказни кои навистина ја покажуваат реалната состојба во општеството, кои ги покажуваат реалните проблеми и кои, всушност, упатуваат на вистинските виновници. Бидејќи имаме општество и состојба во општеството ваква каква што е“, заклучи Кариќ.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ