
Европските земји со се поригорозни мерки против коронавирусот
Германија е последната европска држава која ги затвори границите во обид да се ограничи ширењето на новиот коронавирус. Границите со Франција, Австрија, Швајцарија, Луксембург и Данска од денеска се затворени, освен за транспортот на добра и вработени. Во земјата има речиси 5.000 заразени од кои 12 лица починаа.
Нови мерки воведе и Словенија откако вчера беше регистрирана и првата жртва на вирусот. По зголемувањето на бројот на заразени на 219, владата наложи затварање на сите продавници освен аптеките, банките, поштите и бензинските пумпи како и продолжување на мерката за затварње на училиштата и градинките на неопределено време.
Сите кафулиња во близина на трговските центри ќе бидат затворени затоа што е неодговорно луѓето да се социјализираат во мали места каде ризикот за трансмисија на вирусот е најголем, соопшти портпаролот на словенечката влада Јелко Кацин.
Грција и понатаму е најпогодената земја во регионот со 331 заразени и 4 смртни случаи. Два смртни случаи и 52 заразени има во Бугарија, 42-ца и еден почиант во Албанија, 55 во Србија и 24 во Босна и Херцеговина. За сега нема податоци за заболени во Косово и Црна Гора.
Франција, каде вчера се одржаа локални избори, исто така размислува за воведување поригорозни мерки, откако здравствените власти оценија дека состојбата забрзано се влошува. Франција има 5.423 потврдени случаи од кои 127 лица починаа. Шпанија исто така воведе ограничен карантин за своите жители откако бројот на заразени во земјата достигна 7.988 лица а бројот на починати се искачи на 294 лица. Италија и натаму е најпогодената земја по Кина со 24.747 потврдени случаи и 1.809 починати.
Во САД каде бројот на заразени изнесува 3.802 лица од кои 69 смртни случаи, повеќе сојузни држави преземаат внредни мерки. Претседателот Доналд Трамп ги повика граѓаните да се опуштат и да не купуваат намирници панично.
Не мора да купувате толку многу, полека, опуштете се. Луѓето одат и купуваат повеќе. Се сеќавам, за време на разговорот со Даг од Волмарт, кој рече дека купуваат повеќе отколку што купуваа за Божиќ. Опуштете се, добро ни оди. Се ќе помине, порача претседателот Трамп.
Надвор од Европа бројот на заболени значително се зголемува и во Иран, речиси 12.000 потврдени случаи од кои 724 починаа. Кина, од каде започна епидемијата на Ковид 19 денеска пријави само 6 случаи и тоа сите кај пациенти кои пристигнале од странство. На глобално ниво бројот на заразени изнасува 171.112 од кои 6.526 лица починале а 77.779 се излекувани.
Игор Трајков