
Европските земји се поблиску до целосен карантин
Европа е глобалниот епицентар на пандемијата со коронавирусот, а државите за да го спречат ширењето на болеста се одлучија на драстични мерки. По Италија, и Шпанија, ги стави своите 46 милиони луѓе во делумна изолација. Шпанците ќе можат да одат само на работа, и да купат основни намирници, инаку треба да останат дома. Бројката на заболени тука е речиси 8.000, а за еден ден починаа сто луѓе.
Франција мораше да ги затвори училиштата, кафулињата, рестораните, музеите. Властите соопштија дека мерката е задолжителна, бидејќи се поголем е бројот на заболени кои се на интензивна нега, а претходните препораки за избегнување на јавните собири Французите ги игнорирале, и затоа сега бројот на заболени е речиси 5.000, а починати се 91. Мерката не се однесува и за денешните локални избори. Парижани сметаат дека би било недемократски да не се гласа, и покрај епидемијата.
- Не е идеално, но е важно да се излезе и да се гласа и животот во градот и општеството не треба да запре. Мора да го правиме најдоброто, и затоа излегов утринава да гласам, вели една жителка на Париз.
Австрија брои зголемување на заболените. Со вкупно 800-тини и тука се ограничува движењето.
- Од понеделник, ќе мора да го намалиме нашето движење на минимум, Асвтрија нема да се затвори целосно, но извесен период ќе ги редуцираме движењата на минимум, соопшти австрискиот премиер Себастиан Курц.
Нема движење во групи, туку само по еден, објасни Курц. Сепак, во карантин се ставени делови од Тирол, бидејќи најголем број од заболените се од овој крај.
Британските власти препорачаа самоизолација на луѓето постари од 70 години, во следните 4 месеци.
Уште денеска до Америка ќе може да се стигне преку Велика Британија и Ирска, а од утре авионскиот летови и од овие две европски земји ќе бидат забранети.
На Балканот. Грција ја пријави 4 жртва. Тука вкупниот број на заболени е 228, од кои 22 немаат никаква поврзаност со постоечките случаи и не патувале. Властите ја затворија границата со Македонија и Албанија, но почнаа да апсат и парично да казнуваат бидејќи и Грците се недисциплинирани и не ги почитуваат мерките. Од полноќ и Албанија ги затвора копнените граници со соседите, освен за транзит на стоки. Србија има 5 нови случаи, и вкупно се 46. Црна Гора е единствената земја на Балакнот која нема заболен, но во изолација се над 600-тини луѓе кои допатувале од кризните подрачја.
Нема сомнеж дека вирусот забрзано се шири, а досега се заболени над 160 илјади луѓе, починати шест илјади, а повеќе од половината се излечени. Научниците потврдија дека болеста е тука за да остане, но и да го промени начинот на кој живееме.
Алиса Шутиноска