Европејците се радуваат на слободата по двомесечниот карантин

Шпанците кои беа најпогодени од корона вирусот, од денеска можат да посетуваат музеи, Италијаните можат да одат на базен и вежбаат во фитнес центрите, Чесите да испијат пиво во паб, учениците во Полска се враќаат во училишните клупи, но со скратени часови и одреден број деца.

Ова е дел од четвртата фаза од враќањето во новата нормала на европските земји, кои мораат економски да се кренат на нозе, по долгите два месеци карантин. Европејците и се радуваат на слободата која им недостасуваше, но ќе мораат да продолжат со почитување на мерките.

  • Убаво е, само што јас сум од Римини и навикната сум да гледам чадори и столчиња, и сега е чудно. Очекував да видам некој организиран настан, но засега нема ништо, вели Елеонора Нани, жителка на Римини. 

Италијанските власти, исплашени да не им се повтори ужасот со нов огромен број на жртви, ќе ангажира 60 илјади волонтери кои ќе внимаваат дали граѓаните одржуваат растојание. И Шпанците возбудени што денеска можеа да испијат пијалок на отворено.

  • Синоќа не можев да заспијам. Толку бев трогнат и среќен. Го отворив овој ресторан пред 51 година, и на денот кога го отворив не бев толку среќен како денеска, вели Силвестре Санчез Сиера, сопственик на ресторан. 

Грците добија дозвола да ги посетуваат своите острови. На траектите се делеа флаери со препораки – сите патници да носат маска и да држат растојание, а треба да пополнат и здравствен прашалник. Три недели пред најавената дата – 15 ти јуни, властите во обид да го спасат туризмот, дадоа дозвола да се отворат таверните и рестораните. Луѓето задоволни, брзо се вратија на старите навики.

 – Одлично ми е денеска, бидејќи Грција е земја на весел дух, и забава. Не сме навикнати да не седиме во ресторан, во нашите кафулиња, да не можеме да излеземе и да уживаме, вели жителка на Атина. 

 – Ги следевме правилата, и денеска сме сите здрави. Првиот ден во отворените ресторани, дојдовме со другарите на одлична храна, добра дружба и најдоброто место во Атина, изјави жител на Атина. 

 Грција беше прва од земјите на Балканот која воведе рестриктивни мерки, и високи казни за оние кои не ги почитуваат. Денеска во оваа земја има 4 новозаболени, – бројка што ги охрабрува властите побрзо да ги олабават мерките и што можат да спасат од туристичката сезона. Италијанскиот весник Кориере Дела Сера, во својата анализа за епидемиолошките податоци вели дека послабите европски земји, како Грција, Албанија, Бугарија, Романија, на некој начин ги победиле побгатите земји, и имаат помалку жртви на ковид 19, бидејќи навреме вовеле ригорозни мерки.

Надеж доаѓа од местото каде се појави Ковид 19. Кина јавува за успешната прва фаза од тестирањето на вакцината. Медицинското списание, Лансет, пишува дека 108 доброволци кои ја примиле тест вакцината по 28 дена развиле антитела, што значи дека човечкиот организам е толерантен на истата. Но, пред светот да се израдува, ќе мора да се почекаат втората и третата фаза од испитувањето.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ