ЕУ солидарна со сојузниците во Сирија

Европската унија била информирана за воздушните напади врз складиштата за хемиско оружје во Сирија. Во писмено соопштение, високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, напиша дека овие специфични мерки се преземени за да се спречи идна употреба на хемиско оружје и хемиски супстанци како оружје од страна на сирискиот режим за убивање на сопстениот народ.

Могерини пишува дека унијата ги поддржува сите напори за спречување на употребата на хемиско оружје и потсетува дека тоа претставува „воено злосторство“ и „злосторство против човештвото“. ЕУ повторува дека не може да има друго решение за сирискиот конфликт освен политичко.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги поддржа, како што рече, прецизните напади на САД, Велика Британија и Франција во Сирија. Во писмена изјава Столтенберг напиша дека синоќешните напади ќе ја намалат способноста на силите на претседателот Асад и натаму да го напаѓа сирискиот народ со хемиско оружје.

А, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека е важно да се внимава да не дојде до дополнително ескалирање на тензиите во регионот. Во телефонски разговор со британската премиерка Тереза Меј, Ердоган рекол дека е потребно политичко решение на кризата.

Кинеското министерство за надворешни, соопшти дека верува дека политички договор е единствената опција за решавање на сириското прашање, и повика на целосна фер и објактивна истрага за наводните хемиски напади во Сирија.

Иран, кој е главен сојузник на Дамаск во регионот, предупреди дека нападите на САД, Велика Британија и Франција ќе имаат регионални последици.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ