
ЕУ се согласи за одложување на Брегзит до 31 јануари
Европската унија се согласи уште еднаш да го пролонгира излегувањето на Велика Британија од ЕУ до 31 јануари 2020 година, соопшти преку Твитер претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск. Овој пат станува збор за „флексибилно одложување“, што значи дека Велика Британија би можела да ја напушти ЕУ и пред одредениот рок, доколку претходно во Парламентот биде одобрен договорот кој премиерот Борис Џонсон го постигна со Брисел.
Европските министри во петокот се согласија на ново одложување на Брегзит, но одлуката за рокот ја оставија за денеска.
Амбасадорите се сретнаа во петокот како што знаете и денеска имаат нова дискусија за одложувањето побарано од Обединетото Кралство. Тоа е одлука на 27-те,
рече главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.
Одлуката го зголемува притисокот врз британските пратеници кои се подготвуваат да гласаат за предвремени избори кои ги побара премиерот Џонсон во замена за неговата согласност да побара уште едно одложување на Брегзит од Брисел. Џонсон бара одржување изборите на 12 декември, додека двете опозициски партии, Шкотската национална партија и Либералните демократи сакаат изборите да се одржат на 9 декември.