ЕУ отвори процес против Орбан! – „Одлуката веќе е донесена“, жестоко ќе возрати унгарскиот премиер

Дали Виктор Орбан е закана за Европа? Што да се прави со Орбан и неговото неформално лидерство на совранистите во ЕУ, витезот на антиимиграциската политика и Вишеградската група, познат по своите крстоносни борби против муслиманите, малцинствата, медиумите и невладините, со други зборови, закана за фундаменталните принципи и права на ЕУ.

Денеска во Европскиот парламент отворен е процесот против Орбан. На маса е извештајот на Европарламентарката Јудит Саргентини, и парламентот утре ќе гласа околу почитувањето на човековите права во Унгарија, нешто што може да доведе до санкции и активирање на членот 7, што пак може да доведе до суспензија на гласачкото право на Унгарија во Советот на ЕУ.

„Извештајот покрива широк спектар на мерки, во различни полиња, преземени од страна на унгарските власти во последните години. За што постои растечка загриженост од аспект на нашите заеднички европски вредности. Во тој контекст дозволете ми да нагласам дека демократијата во нашите земји членки, во нашата ЕУ, не може да постои без владеење на правото и без почитување на фундаменталните права. Тие одат заедно. За жал, Комисијата ја споделува загриженоста изнесена во извештајот, особено во однос на фундаменталните права, корупцијата, третманот на Ромите, и независноста на судството“, кажа потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс

Утрешното гласење се најавува како жестоко, и потребни се две третини од гласовите во Стразбур за Будимпешта да биде формално санкционирана. Ништо нема да се случи доколку парламентарната група на Орбан, Европската народна партија, го поддржи.

Но, по генералниот екстремнодесничарски подем во Европа, искуството со поддршката на Груевски, популистичката власт во Италија, па и последниот подем на неонацистите во Шведска, токму европските народњаци се под посебен надзор. Многумина пратеници, дури и меѓу народњаците сметаат дека е дојдено време да се испрати силна порака во пресрет на европските избори следната година.

Новиот најдобар пријател на Орбан, италијанскиот министер за внатрешни работи Салвини, изрази поддршка за унгарскиот премир, навестувајќи можна криза во италијанската влада, каде коалициониот партнер, Петте ѕвезди ќе гласаат за санкционирање на Орбан.

Слична состојба се најавува и за Австрија, каде премиерто Курц се изјасни дека ќе гласа против Орбан, додека сојузникот Ханс Кристијан Штрахе го повика унгарскиот премиер Виктор Орбан да формираат заедничка група во Европскиот Парламент.

Во оваа загреана клима дојде и обраќањето на Орбан, кој истакна дека си ја брани татковината и дека според него, одлуката веќе била донесена.

„Почитуван претседателе, почитувани членови, јас знам дека вие веќе имате донесено одлука. Знам дека мнозинството ќе го одобри извештајот и знам дека мојот говор нема да го смени вашето мислење. Сепак, дојдов денеска тука затоа што вие нема да ја осудите владата, тука земјата како нација. Ќе ја осудите Унгарија која беше членка на семејството на Европската христијанска нација преку илјада години, ќе ја осудите Унгарија која даде придонес на големата европска историја и ја проли крвта кога беше неопходно“.

Повеќето европратеници подеднакво жестоко му реплицираа на Орбан, дека извештајот не е напад врз унгарскиот народ, туку со цел да се заштитат демократијата и европските вредности во Унгарија.

Утре ќе откриеме дали ЕУ е конечно решена да се соочи и нешто да преземе за своите егзистенцијални проблеми.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ