ЕУ отворена за „поамбициозен“ договор за Брегзит

Европските земји ги зголемуваат напорите за да се избегне непосакуваниот Брегзит без договор. Главниот европски преговарач Мишел Барние понуди рака, изјавувајќи дека Европската унија е отворена за можноста за постигнување договор со Велика Британија кој би бил „поамбициозен“ од сегашниот.

Црвените линии се британски црвени линии, не наши и со овие црвени линии тие самите ги затворија вратите. Но ако тие црвени линии се поместат, како што реков и во парламентот вчера утрото, ако британските црвени линии се поместат, тогаш и ние веднаш ќе се поместиме, рече Барние.

Дека топката е во британски раце потврдува и Берлин. Германската позиција останува непроменета и без нови предлози од Лондон, тешко би се замислило отварање нови преговори за веќе постигнатиот договор. За таква можност разговарале германската канцеларка Алнгела Меркел и британската премиерка Тереза Меј.

Темата беше Брегзит, како што би очекувале, и како да се продолжи, но тоа не може да биде решено со телефонски разговор меѓу канцеларката и премиерката. Тоа што е потребно е основа на нов предлог, нова насока која Британија ја најави за понеделник, изјави портпаролот на германската влада Стефан Сајберт.

Поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, меѓутоа обвини дека прстот е насочен во погрешна насока. Според него безвредни ќе бидат сите напори околу Брегзит кој не ја исполнува желбата на гласачите изразена на референдумот во 2016-та.

Ако сега го направиме како што треба и имаме храброст, ќе ги спречиме сите години на расправии и несигурност, за кои се плашам дека ќе бидат наследството на согласувањето со овој договор, вели Џонсон.

Подадената рака на Брисел доаѓа како резултат на отфрлањето на договорот за Брегзит, од страна на британскиот Парламент. Тоа ги зголеми стравувањата од истапување на Велика Британија од ЕУ на 29 март без договор, што ги натера двете страни да бараат нови алтернативни решенија за „разводот“.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ