ЕУ на видео-конференција се договараше како да се справи со епидемијата корона вирус

Претседателите и премиерите на земјите членки на ЕУ се собраа денеска околу мониторите и екраните на специјалниот самит во вид на видео конференција во обид да ги координираат напорите за справување со епидемијата корона вирус која веќе се рашири во сите членки на унијата а доведе и до карантин во Италија.

На видео конференцијата, на која учествуваа и претседателите на европската централна банка, Кристин Лагард и ЕК, Урсула фон дер Лејен, лидерите дискутираа за најдобрите начини да се координираат во борбата против коронавирусот и неговите економски последици.

Главниот акцент беше ставен и на забрзување на обидите за темелно испитување на болеста и најдобрите начини како да се најде лек за ковид 19.

“Последните денови ни демонстрираа дека вирусот се прошири во сите земји членки. Ова е наш заеднички проблем и сакам на почеток да изразам поддршка за сите граѓани кои се заразени од болеста и особено нашата поддршка за Италија и нашиот колега Џузепе, чија држава беше најтешко погодена и чии преземени мерки бараат сериозни лични жртви од италијаните. Затоа сметам дека треба да се координираме што е можно повеќе и да видиме каде можеме да преземе повеќе мерки заедно, како во поглед на болеста , така и во однос на нејзините пошироки економски последици” – изјави претседателот на европскиот совет, Шарл Мишел.

Европската комисија соопшти дека во сите 27 земји членки се потврдени случаи на луѓе инфицирани со коронавирусот. Најкритична ситуацијата е во Италија, каде продолжува да расте бројот на луѓе заразени од вирусот но за жал и бројот на починти луѓе. Според последните информации, бројот на заразени луѓе се зголемил од 9172 на 10 149.

Смртоносниот биланс во Италија е најголем надвор од Кина и изнесува 631. Бројот на починати се зголемил за 168, што претставува најголем пораст во текот на еден ден.

Италија живее и во услови на карантин. Рестораните, баровите и пабовите во Рим денеска се затвоија во 6 часот попладне, за да се намали можноста од масовно собирање на луѓето, како дел од мерките за спречување на ширењето на епидемијата.

Сега немаме каде да јадеме. Вчера имаше нешто на вестите, но се беше на италијански. Морав да сменам на вести на англиски, но таму не чув дека рестораните се затвораат во 6 часот. Значи…нема јадење, се пожали една туристка во Рим.

За најголем дел од луѓето, новиот корона вирус предизвикува само слаби или умерени симптоми, како покачена телесна температура или кашлица.

Но, за дел од болните, особено повозрасните луѓе или хронично болнит лица, може да предизвика тешка болест, како пневмонија.

Според СЗО, луѓето со благи симптоми се опоравуваат во период од 2 недели, додека на лицата со потешка болест се потребни 3 до 6 недели.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ