ЕУ може да се приклучи на обновените американски санкции кон Иран по осуетениот атентат во Данска

Некои земји од ЕУ разгледуваат приклучување на обновените американски санкции кон Иран, откако беше осуетен атентат на ирански опозициoнер во Данска, а такви случаи претходно имаше и во Албанија и во Франција.

Американските санкции кон Иран повторно стапуваат во сила в понеделник.

Државниот секретар Мајк Помпео во интервју за радиото „Фокс њуз“ синоќа изјави дека санкциите ќе извршат реално влијание врз раководството на Иран.

Данска откри дека Иран подготвувал атентат на нивна територија. Слични настани претходно имаше и во Франција и во Албанија, изјави Помпео.

Според него, раководството во Иран интензивно спонзорира терористички напади против критичарите на иранскиот режим.

Според некои извори, во Албанија дејствува камп со седиштето на иранските народни муџахедини, група на ирански активисти во егзил кои се борат за промена на режимот во Иран. Албанската полиција летово спречи обид за атентат на лидерот на оваа група од странана ирански агенти. Слично таков случај имаше и во Франција.

Иранските народни муџахедини се поддржани од Саудиска Арабија, Израел и САД.

Во интервјуто Помпео го повтори официјалниот став на администрацијата на Доналд Трамп дека „иранскиот теророизам пристигна во Европа“, со намера да ги убеди европските земји да се приклучат на обновените американски санкции.

Случајот во Данска го натера раководство на оваа нордиска земја да го прифати американскиот став за обновување на санкциите и од страна на ЕУ. Заговорот за убиство на ирански дисидент од страна на агенти на Техеран беше откриен неделава, но данската полиција тајно ја извршувала акцијата уште од септември, блокирајќи мостови и патни приоди.

Апсењето на ирански агенти обвинети од Копенхаген дека планирале убиство на територија на Данска е во прилог на Трамп кој унилатерално се повлече од нуклеарниот договор со Иран и има тешкотии да ги убеди сојузниците во Европа да го сторат истото.

Нуклеарниот договор со Иран беше означен како еден од најголемите дипломатски успеси на администрацијата на претходникот на Трамп, Барак Обама. Овој договор во 2015 го потпишаа САД, Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија.

Договорот предвидуваше редуцирање на иранските залихи на ураниум за 98 отсто во тек на 15 години.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ