ЕУ ги забрани сите непотребни патувања кон членките на Шенген зоната

Кризата без преседан ја присили Европската унија да воведи мерки без преседан.

По видео конференцијата на лидерите на 27-те земји членки, Европската Унија вечерва одлучи да ги забрани сите непотребни патувања во рамките на Шенген зоната.

Европските лидери ги договорија деталите за најавените мерки а забраната за патување ќе важи најмалку 30 дена.

Таа ќе се однесува на сите странски посетители, со исклучок на жителите со подолготраен престој, членовите на семејствата на европските граѓани и дипломатите, за здравствените работници и луѓето кои пренесуваат неопходни производи.

Пандемијата корона вирус во Европа продолжува да се шири.

Бројот на смртни случаи од корона вирусот денеска во Шпанија се зголеми на 491-едно  лице, зголемување за 182 лица, потврдија здравствените власти.

Истовремено, регистрирани се и нови речиси 2000 случаи на луѓе инфицирани од вирусот, што се случува откако Шпанија ги затвори своите граници и воведе делумен карантин на 47 милиони жители.

“Денеска во Шпанија, во последните 24 часа имаме 1 987 нови случаи. Вкупно, по почетокот на епидемијата во државата имаме 11,178 случаи. Во последните 24 часа, регистрирани се 7,7% повеќе случаи отколку во претходните 24 часа” – тврди Фернандо Симон, шеф на итните медицински служби.

Најтешка е ситуацијата со пандемијата коронавирус во Италија, каде има над 31 –една илјада заразени луѓе и повеќе од 2 и пол илјади починати лица.

Еден од италијанските доктори кој е на првата линија од фронтот во борбата против новиот корона вирус, професорот Серџо Катанео, апелира до своите колеги и властите во другите европски држави, да создадат нови оддели за интензивна нега што е можно поскоро за да се справат со пандемијата.

Ломбардија има еден од најдобрите здравствени системи во Европа, со 750 до 800 кревети за интензивна нега за популација од 10 милиони луѓе. Сепак, тој и неговите колеги биле шокирани колку бргу епидемијата се проширила.

“Тајната е во тоа – и тоа е силна порака до странските држави – да се реагира бргу за ова, со цел да се избегне, како во нашиот случај, да се трча по епидемијата ден по ден, значи да се антиципира, да се создадат структури каде може да се обезбеди интензивна терапија. Тоа што ние го правиме тука и што не спасува е затворањето на операционите сали, да се намали бројот на хируршки интервенции со цел да се насочат човечките и материјалните ресурси на интензивната терапија” – тврди професорот Серџо Катанео, директорот за анестезиологија и интензивна терапија во Бреша.

На листата европски држави кои воведуваат ограничен карантин за своите граѓани од утре на пладне ќе се приклучи и Белгија. Забранети се сите јавни собири а до 5-ти Април може да ги напуштат своите домови во итни случаи или да купат храна и лекови.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ