ЕУ без договор за поделбата на функциите – вонредниот самит продолжува утре

Европските лидери го суспендираа денеска самитот во Брисел на кој требаше да ја договорат поделбата на клучните позиции во новата европска администрација и утре во 11 часот ќе продолжат со обидите да пронајдат компромисно решение.

Клучниот спор останува за прашањето – кој треба да го наследи Жан Клод Јункер како нов претседател на ЕК.

Првично, лидерите на земјите членки на ЕУ се обидоа да постигнат договор вчера вечерта. Дипломатски извори потврдија дека претседателот на Европскиот Совет го предложил холандскиот социјалист Франс Тимерманс за наследник на Јункер, додека бугарката Кристалина Георгиева би го заменила Туск. Доцна во ноќта или можеби поточно рано утринава самитот беше прекинат со цел Туск преку билатерални разговори да постигне напредок.

Самитот продолжи со работен доручек, но неколку часа подоцна беше прекинат и продолжението беше закажано за утре.

Георгиева е економист, поранешен еврокомесар а од 2017-тата година ја врши функцијата главен извршен директор на Светската Банка.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов потврди дека нејзиното име се споменувало и како главен преговарач на ЕУ за проширување, но тој тоа го одбил.

“Комесар со реален ресор или преговарач, главен преговарач, кој еве замислете си на пример, што е многу веројатно, земјите од Западен Балкан да не бидат поканети и тогаш Косоварите, Албанците, Македонците, Србите, ќе кажат: заради Бугарката тоа се случи” – изјави Борисов.

Номинацијата на социјалистот Тимерманс, кој во моментов е заменик на Јункер, наидува на силно противење од источно европските држави и од лидерите на партиите на десниот центар од најголемата политичка група во европарламентот – Европската народна партија.

Во предложениот компромисен пакет, кандидатот на Европската народна партија за претседател на ЕК, германецот Манфред Вебер, би ја презел функцијата – претседател на европскиот парламент, со можност тој 5-годишен мандат да го сподели со лидерот на либералите – Ги Верхофштад.

Според овој предлог, либерал би требало да ја предводи и заедничката надворешна политика на ЕУ, или данкињата Маргрет Вестагер или белгискиот премиер, Шарл Мишел. Сите раководни позиции во ЕУ оваа година ќе добијат нови лидери, по евроизборите во Мај.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ