
Етичките норми во новинарството во Србија – само буква на хартија?
Точни, информативни, непристрасни-такви би требало да бидат медиумите. Реално, работите изгледаат сосема поинаку. Насловни страници полни со говор на омраза, закани, хајки, претпоставки кои се претставуваат како факти, кршење на правото на приватност, навлегување во полициски истраги.
„Во осум дневни весници, понекогаш, имаме по 20, 25 дневни прекршувања, неспорни прекршувања на Кодексот. Не станува збор за нешто што може да биде дискусија, нешто што може да биде, а не е. Станува збор за нешто неспорно и каде не се почитувани основните новинарски правила“, вели Петар Јеремиќ од Здружението на новинари на Србија.
Претседателот на Судот на честа на Независното здружение на новинари на Србија, Владо Мареш смета дека таквата ситуација во медиумите е предизвикана од политичката контрола.
„Тие се тука на задача и не се грижат што ќе изговорат, што ќе објават и што ќе им испратат на луѓето. Важно е да ја одработат својата работа, да покажат дека се лојални на својот господар и од тоа, веројатно, имаат некоја заработка“, оценува Мареш.
По бурни расправи, во Србија во 2006 година е воведен Кодекс на новинарите кој ги пропишува основните етички правила на професијата, а четири години подоцна основан е и Совет за печат со цел да се обезбеди негово почитување. Од тогаш на адреса на Комисијата за жалби на Советот пристигнуваат бројни жалби. Генералниот секретар на Советот за печат Гордана Новаковиќ вели дека во првите осум месеци од 2018 година имало 77 жалби, најчесто заради кршење на првата точка од Кодексот – вистинитост на известувањето.
„И тоа се оние точки кои велат дека новинарот мора да ги разликува фактите од коментарите, претпоставките и нагаѓањата, дека мора да констатира повеќе извори и дека не смее да изнесува клевети. Тоа се точки кои апсолутно се кршат цело време“, изјави Новаковиќ.
Најмногу жалби стигнаа за текстови во весниците Ало, Српски телеграф, Блиц, Новости, порталот Пинк, неделникот Палеж од Обреновац. Кога Комисијата за жалби ќе утврди дека е прекршен Кодексот, на новинарите кои не се членови на Советот им изрекува јавна опомена, додека на оние кои се членови им се изрекува одлука која треба да ја објават во своите изданија во рок од 15 дена. Меѓутоа, одредени медиуми не ги објавуваат одлуките и опомените, па се поставува прашањето дали е тоа соодветна санкција?
„За одговорните медиуми, за одговорните новинари, моралната осуда која ја добивате од своите колеги кои велат ова не си го направил во согласност со Кодексот, е многу сериозна санкција“, одговара Гордана Новаковиќ.
И телевизиите, и локалните и оние со национална фреквенција го кршат Кодексот и тоа, многу често, во информативните емисии.
„Во најголема мера, тоа се однесува на секое критичко мислење кое постои во Србија. Целосно се привилигирани владејачките партии, власта како таква, додека некое опозициско или критичко мислење може многу малку да се чуе или тие телевизии се во функција на пропаганда на владејачките партии“, смета професорот од Факултетот за политички науки Раде Велјановски.
Најдрастичен пример се риалити програмите, кои се емитуваат секојдневно на повеќе телевизии, а во кои е сеприсутно навредување и недолично однесување. Таквото однесување не само што не е во склад со етичките норми, туку е во судир со законот. За квалитетот на програмите, почитувањето на професионалните стандарди, на Кодексот и на законот би требало да се залага Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) кога станува збор за радијата и телевизиите. Но, од тоа тело не одговорија на прашањата за кршењето на Кодексот на новинарите, а на нивниот сајт можат да се најдат само две изречени предупредувања за телевизиите Пинк и Мелос.
„Според сегашниот закон, РЕМ има обврска без одлагање да делува кога ќе воочи некое кршење на законот и има на располагање неколку санкции: предупредување, опомена, привремено и трајно одземање на дозволата за емитување. Меѓутоа, РЕМ се воздржува и многу ретко изрекува санкции“, изјави Велјановски.
Властите потполно ги игнорираат извештаите на саморегулаторните тела околу драстичното кршење на Кодексот. Токму на медиумите кои најчесто го кршат Кодексот им се даваат најмногу пари на конкурсите за проектно кофинансирање на медиуми.
„Во Кикинда, да речеме, имавме случај комисијата да каже да земат предвид тоа што станува збор за најголем прекршувач на Кодексот, но тие веруваат дека токму тие пари ќе ги поттикне веќе да не го кршат Кодексот, што е страшно, срамно и под секакво новинарско достоинство“, вели Јеремиќ.
Најголемите медиумски здруженија формираа свои судови на честа, кои на членовите можат да им изречат опомена, привремено или трајно да ги исклучат од здруженијата. Меѓутоа, оние кои ги кршат правилата, најчесто, не се членови на здруженијата.
„Донесовме јавна опомена во неколку случаи. Имавме и едно исклучување од НУНС. Тоа е една, условно да кажам, колешка, а всушност има ПР компанија, па на еден грд начин го злоупотребуваше авторитетот на НУНС и својата позиција за да извлекува пари од луѓето“, објаснува Владо Мареш.
Заради кршење на етичките норми, се покренуваат и судски постапки против новинарите, уредниците и сопствениците. Во 2017 година Вишиот суд во Белград покрена 636 постапки за надомест на нематеријална штета заради претрпена душевна болка, повреда на угледот, честа и правото на приватност.