
Ерменците ги блокираа улиците откако Пашинјан не е избран за премиер
Десетици илјади граѓани на Ереван, ги блокираа улиците во главниот град во Ерменија, откако водачот на опозицијата, Никол Пашинјан, повика на граѓанска непослушност.
Демонстрантите ги блокираа повеќето главни улици во Ереван, патиштата на влезот во градот и главниот пат кон аеродромот, а многу продавници се затворени.
Меѓутоа, Пашинјан не беше избран, бидејќи за него гласаа 45 од 105 пратеници, осум помалку од потребните 53, поради што тој најави генерален штрајк за среда. Пашинјан ги повика своите поддржувачи да ги блокираат улиците, аеродромите и сè останато и побара полицијата да се приклучи на протестите. Покрај тоа, додаде дека протестите ќе се претворат во целосна граѓанска непослушност.
Според ерменскиот устав, во случај пратениците да не избираат премиер на првото заседание на парламентот, новата седница се закажува за седум дена. Доколку премиер не биде избран и во вториот обид, парламентот се распушта.
Нова посебна седница е закажана за 8-ми мај. Инаку, Ерменија ја тресе политичка криза од 13-ти април, кога опозициските партии организираа протести поради кои премиерот и поранешниот долгогодишен претседател на земјата, Серж Саргсјан, поднесе оставки на 23-ти април.