
Ерјавец повтори дека Словенија ќе ја тужи Хрватска пред судот на ЕУ
Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец изјави дека извршувањето на пресудата за границата со Хрватска е правно, а не политичко прашање, како што рече Жан-Клод Јункер.
Ерјавец истакна дека Словенија поради неизвршување на одлуката, наскоро ќе ја тужи Хрватска во судот на ЕУ во Луксембург.
– Не се работи за политичко прашање, како што сака да прикаже Јункер, туку за прашање на правото, рече Ерјавец во реакција на изјавата на Јункер дадена претходно во Брисел.
Зборувајќи за прашањето за границата меѓу Хрватска и Словенија, Јункер на прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, рече дека во овој спор, Комисијата не вели дека е во право едната или другата страна, туку е тука „за да помогне“.
– Сакаме да помогнеме во решавањето и мислам дека можеме да го направиме тоа, рече Јункер по состанокот со Пленковиќ.
Хрватскиот премиер повтори дека не е реална опцијата Хрватска да ја прифати арбитражната пресуда, туку дека е реално да се разговара како да се постигне договор кој ќе биде взаемно прифатлив и за Хрватска и за Словенија, и потсети дека Хрватска на словенечката страна веќе и претставила некои идеи и оти тоа е „одлична основа за договор“.
Словенечката Влада во последно време неколку пати повтори дека со Хрватска може да се разговара само за спроведување на арбитражната пресуда, но Ерјавец, незадоволен од „неутралниот“ тон на Јункер од кој Словенија очекува поголем ангажман за спроведување на арбитражната одлука, најави дека Словенија поради непочитување на арбитражната пресуда, ќе ја тужи Хрватска пред судот на ЕУ.