Ердоган за Кашоги: Се работи за однапред планирано и детално организирано политичко убиство

Убиството на новинарот Џамал Кашоги било прецизно планирано неколку денови пред неговата смрт, и веќе се направени истраги на терен во Белградската шума покрај Инстанбул и во зоната Јалова, како можни места каде е закопано телото.

Како што вчера вети, турскиот лидер Ердоган одржа говор во Парламентот каде ги опиша некои од деталите од истрагата за убиството на саудискиот новинар. Голата и сурова вистина која Ердган ја вети, сепак не исплива на површината. Многу малку нови детали соопшти турскиот претседател. Во својот говор тој никогаш не го спомена принцот Бин Салман, и дури демонстрираше и одредена понизност во однос на кралот Салман. Ердоган си постави повеќе прашања отколку што даде одговори.

„Зошто 15 Саудијци беа во Турција, по чија наредба? Зошто конзулатот не беше веднаш отворен за истрага? Зошто имаше толку многу различни изјави од саудиските официјални лица? Кој е локалниот соучесник кој го криел телото на Кашоги? Саудиска Арабија мора да одговори на овие прашања“. „Сакаме да знаеме кој е тој функционер“, ќе се обрати Ердоган до Саудијците, добивајќи аплауз од преполната сала.

„Пред се, ова убиство може да е извршено во зградата на конзулатот која се смета за Судијска територија, но не треба да се заборави дека тоа место е во рамки на границите на Турција. Исто така, и Виенската конвенција и меѓународниот закон дозволуваат истрага за така брутално убиство коа сакаат да го покријат со дипломатски имунитет“.

Ердоган потврди дека команда единица од 15 лица била испратена од Ријад да го убие Кашоги, и дека дел од таа екипа биле луѓе од тајната служба и експерти од судска медицина, меѓу и човекот кој се преправил како Кашоги и изглегол од задниот влез на конзулатот.

Турскиот претседател нагласи дека Турција нема намера да молчи пред свирепото убиство и дека е нивно право да спроведат детална истрага. Ердоган не им подарува ништо на Саудијците и на принцот наследник, но изјави дека има доверба во кралот:

„Не се сомневам во искреноста на кралот Салман, но независна истрага мора да се спроведе. Ова е политичко убиство“, рече Ердоган.

„Како Турција, ќе го следиме овој инцидент до крајот. Што и да е неопходно од нашиот или меѓународниот закон, ние ќе го спроведеме. Сакам да испратам апел од тука. Мојот прв повик е до кралот Салман на Саудиска Арабија и до сениорите во администрацијата. Истанбул е местото на злочинот. Оттука, мојата понуда е на тие 15 лица плус 3 други, на тие 18 уапсени да им се суди во Истанбул“.

Ердоган е внимателен, издаде насоки, кажа што се случувало, ја потврди саудиската контрадикција и ја отфрли нивната верзија на настанати, но од почит кон регионалната супер сила, во ниеден момент не спомена имиња. Ердоган ги има во раце снимките кои докажуваат дека најблискиот советник на принцот ја водел и надгледувал операцијата на „казнената експедиција“, но тоа што е сигурно е дека внимателно ќе ги дистрибуира доказите.

Имајќи ја во предвид блискоста меѓу САД и Саудијците, и турско-американските односи кои Ердоган очајно се обидува да ги подобри, турскиот претседател ќе внимава да не додаде дополнителен срам за Вашингтон и Ријад, а сепак да го фрли на маса јаболкото на раздорот.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ