
Ердоган во посета на Германија – Ќе ги затоплат ли односите Берлин и Анкара?!
Ердоган пристигна во Германија.
Посетата се реализира во време кога турската економија се соочува со предизвици, а на Европа ѝ треба помош од Турција, да се намали притисокот на мигрантите од Блискиот Исток. Ова е прва официјална посета на Ердоган во Германија, каде што живеат повеќе од три милиони луѓе со турско потекло.
Посетата се одвива во сенка на напнати односи кои со години постојат меѓу двете земји, а ескалираа минатата година кога турскиот претседател политичките партии во Германија ги нарече непријатели на Турција и ги обвини функционерите во Берлин дека се однесуваат како нацисти, а тоа наиде на осуда од канцеларката Ангела Меркел. Тензиите во германското и турското општество повторно се разгореа откако фудбалерот Мезут Озил се фотографираше со Ердоган, по што беше жестоко критикуван, додека турскиот претседател ја обвини Германија за расизам.
„Неговата посета е очигледно околу реалнополитички интереси, особено околу тешката економска ситуација во Турција. Поради тоа, Труција повторно се доближува до Германија. Идејата која тука прострујува е дека Европејците исто како и Турците страдаат од недовербата во американаската политика. Можеби и ќе се создаде заеднички фронт против тоа. Тоа сигурно нема да се случи на овој начин, но интересот постои. Околу нацистичката споредба, која Ердоган ја употреби е во минатото како и самиот Ердоган. Во тој поглед Ердоган е многу практичен“, кажа Кристијан Бракел – Германски Совет за меѓународни односи.
Сепак, двете земји ги признаа заедничките стратешки интереси, портпаролот на канцеларката Меркел вчера изјави дека Турција е важен партнер на Германија, но и на Европската Унија, и дека Германија сака економски и политички стабилна и демократски ориентирани Турција.
Како дел од припремата за посетата и министрите за економија на двете земји беа согласни дека и понатаму сакаат добри економски односи.
„Германија и Турција не мора да се согласуваат на сите теми. Се разбира дека можеме да имаме несогласувања. Сакаме позитивно да ги пренесеме позитивните нешта во иднината и од тој аспек имавме многу позитивна конференција“, кажа Берат Албајрак – турски министер за економија.
„Ги покривме сите теми секогаш свесни и со желба да ги надминеме и решиме проблемите. Постоеја тешки ситуации на двете страни во минатото, но соработката, и многупати пријателството, од преку 100 години не обединуваат. Имаме блиски економски односи. Постојат преку 7500 илјади германски фирми во Турција. Се согласивме да ги прошириме енкономските односи во многу интензивна насока“, кажа Питер Алтмајер – германски министер за економија.
Во последните месеци, официјални лица од двете страни се трудат да ги подобрат односите. Ердоган во Берлин два пати треба да се сретне со Меркел, во петок и повторно на појадок во сабота, а претседателот Франк Валтер Штајнмајер за турскиот претседател ќе приреди формална вечера, на која сепак нема да присуствуваат голем број опозициски политичари, а ниту Меркел.
Ердоган посетата ќе ја заврши во сабота во Келн, каде што ќе отвори нова џамија, чија изградба е финансирана од страна на група поврзана со Турција. Во Келн, како и во Берлин се очекуваат демонстрации, а организацијата Амнести интернешенел ја повика Меркел средбата со турскиот претседател да ја искористи за да предупреди на драматичната ситуација во врска со човековите права во Турција.
Ивор Мицковски