Ердоган во клинч со Трамп кој ги дуплираше царините – Турската лира тоне, инфлацијата галопира

Доналд Трамп ги дуплираше царините за Турција. Алуминиумот сега е оптеретен со 20 % царина, а челикот со 50 проценти. Ова одлука на Трамп, кој веќе некое време гаи тензични односи со Анкара, доаѓа во моментот кога турската лира доживува драматичн пад во однос на доларот.

Рекордниот пад доаѓа како резултат на тензиите во односите меѓу Анкара и Вашингтон, но и поради обидите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да воспостави контрола врз монетраната политика на земјата.

Од почетокот на годината, турската лира загуби дури 35 проценти од својата вредност, што предизвика вознемиреност меѓу банките во Турција, имајќи предвид дека една третина од нивните кредити се во странска валута.

Кризата меѓу Вашингтон и Анкара стана акутна после турското апсење на американскиот евангелиски свештеник Андру Брансон кој е во домашен притвор веќе месец дена.

Ердоган беше приморан да излезе пред јавноста во обид да ја смири. Пред економската војна која султанот нема намера да ја загуби, Ердоган се повика на народот и на господ, и ги покани турците да ги менуваат доларите, еврата и златото што ги чуваат под душеците.

„Не се грижете. Ако некој има долари, евра или злато под перниците, тогаш треба да отидат во нашите банки и да ги сменат во турски лири. Ова е национална, домашна борба. Тоа ќе биде одговорот на мојот народ пред оние кои ни водат економска војна“.

Во текот на денот се очекува турскиот министер за финансии и роднина на Ердоган, Берат Албајрак да изнесе план за една „нова турска економија“, во обид да ги смири странските инвеститори. Ердоган пак обвини дека за ваквата состојба во турскиот монетарен систем се виновни странците „кои се обидуваат да и наштетат на Турција“.

Граѓаните се загрижени и веќе ги чувствуваат ефектите на галопирачката инфлација.

„Се разбира дека вредноста на американскиот долар и еврото влијаат многу на нашите потрошувачи, затоа што нашите драгоцени камења ги купуваме во американски долари од Белгија. И затоа што ова ја намалува куповната моќ на потрошувачите, за жал ние страдаме многу“.

„Како прво јас сум музичар, и нашата опрема е многу скапа. Порано, дури кога доларот беше 1.80 во однос на лирата, не можевме да си ја дозволиме опремата. Сега кога 6.70, не можеме ништо да си дозволиме“.

Ердоган делува како да се преигра отварајќи премногу фронтови на судир во надворешната политика. По тензиите со Германија и случајот со фудбалерот Мезут Озил, султанот мислеше дека може да ја уценува Америка држејќи го свештеникот Бронсон во затвор.

Како и порано, Ердоган ќе се обиде да се повика на националната гордост со цел да ги отплетка домашните и надворешните кризи.

Но, овој пат, популистот Ердоган, како и многу други пред него, заборави дека не е се во гласачките ливчиња. Има нешто и во курсните листи.

Ивор Мицковски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ