Ердоган победник на претседателските избори во Турција

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган победи во првиот круг од претседателските избори на кои освои нов петгодишен мандат, но овојпат со извршни овластувања. Тој прогласи и победа на Народниот сојуз, изборна коалиција на неговата Партија на правда и развој и малата Партија за национално движење на парламентарните избори, нагласувајќи  дека имаат мнозинство во Парламентот во кој има 600 места.

„Овој народ кој ги запре пучистите, тенковите, артилеријата, авионите, хеликоптерите и пушките со своите голи раце, денеска ја заштити својата независност и иднина. По 24 јуни Турција ќе гледа кон својата иднина со зголемена доверба“, рече Ердоган пред насобраните симпатизери.

Ердоган на изборите освои 53 отсто гласови, врз основа на 99 отсто преброени ливчиња. Главниот противкандидат од опозицијата Мухарем Инџе доби 31 отсто гласови. Изборите беа распишани по минатогодишниот референдум со кој политичкиот систем во Турција се промени во претседателски. Со новите извршни овластувања се укинува функцијата премиер и Ердоган ќе може самиот да именува министри и судии.

„Гледавме како до сега се одвиваа работите во државата. Немајќи идеа како излгеда претседателскиот систем, преферирав да гласам за тие ко веќе беа во владта. Не сме го виделе претседателскиот систем претходно, за доброто на државата сакавме Ердоган да победи на изборите“, вели 25-годишниот жител на Истанбул, Јусуф Јагмур.

Ердоган беше премиер 11 години пред да биде избран за претседател во 2014 година, за време на кои создаде солидна гласачка база како резултат на големиот економски раст и инвестиции во инфраструктурата, здравството и образованието. Со уставните промени Ердоган станува најмоќниот турски лидер по основачот на модерна Турција Кемал Ататурк. Следните претсдателски избори се закажани за 2023 година, точкму на стогодишнината од реформите на Ататурк.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ