
Ердоган и Путин ги повикаа САД и Иран на воздржаност и дипломатија
Претседателите на Турција и Русија објавија заедничка изјава со која ги повикаа и САД и Иран на воздржаност, оценувајќи дека продолжувањето на нападите ќе доведе до нов круг на нестабилност.
“Ја потенцираме нашата посветеност на намалувањето на тензиите и ги повикуваме сите страни на воздржаност, дискреција и приоритетна посветеност на дипломатијата” – порачуваат Путин и Ердоган.
Заедничката изјава на рускиот и турскиот претседател беше објавена по нивната средба во Истанбул и церемонијата со која започна со работа гасоводот Турски поток, со кој рускиот гас преку Турција ќе биде доставуван до земјите од Балканот и централна Европа. На свеченоста во Истанбул присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот премиер, Бојко Борисов.