Една жена убиена, повеќе десетици луѓе повредени во судирите во Венецуела

Една 27 годишна жена била смртно застрелана а најмалку 46 луѓе се повредени во главниот град на Венецуела, Каракас, во текот на судирите меѓу опозиционите подржувачи и провладините сили.

Безбедносните сили лојални на претседателот Николас Мадуро со водени топови и солзавец ги растураа поголемите групи демонстранти кои со камења и молотови коктели се обидуваа да го запрат движењето на оклопните транспортери.

На големиот првомајски собир во главниот град на  Венецуела, Мадуро ги негираше информациите дека се подготвува да ја напушти државата и вината за безредијата ја лоцираше во САД и официјален Вашингтон.

Подоцна тој им се обрати и на воените сили, од кои побара да ја одбранат државата од како што рече, предавниците и организаторите на државниот удар.

“Војници на татковината, дојде времето за борба! Дојде времето да дадеме пример за историјата и целиот свет и да кажеме: во Венецуела државните вооружени сили се конзистентни, лојални, обединети како никогаш претходно. Обединети за да ги поразат учесниците во државниот удар кои се продаваат себеси за доларите од Вашингтон.” – порача Мадуро.

Не се повлекува ниту Гуаидо. Тој ги повика вработените во јавните служби да им се придружат на протестите, додавајќи дека тоа ќе доведе до генерален штрајк во Венецуела.

Гуаидо се прогласи себеси за привремен лидер на Венецуела во Јануари и беше признат од повеќе од 50 држави, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и поголемиот дел од јужноамериканските држави. Русија и Кина силно го поддржуваат Николас Мадуро, но уште поважно, зад него е и армискиот врв.

“Се додека продолжиме со притисокот на улиците, додека остануваме активни и силни на улиците, ние јасно кажуваме дека нема да запреме. На тој начин, ние секој ден сме се поблиску и промената ќе се случи побргу” – подвлече Гуаидо.

Администрацијата на Трамп се посилно го поддржува Гуаидо и неговите обиди да го сруши режимот на Мадуро. Американскиот претседател во телефонско интервју за својата омилена телевизиска мрежа Фокс Њуз, оцени дека Гуаидо е исклучително храбар лидер.

Истовремено, шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, подвлече дека Соединетите држави го задржуваат правото воено да интервенираат во Венецуела, доколку тоа биде неопходно.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ