Државата Њујорк стана епицентарот на Ковид 19, со 37.000 заболени

Од празна Будимпешта до пусти плажи во Бразил, градовите низ светот изгледаат како да се напуштени. Сликата е иста и во Пекинг, и во Њујорк, и во Мадрид, па Берлин, Париз, Женева, Рио де Женеиро и Техеран. Плоштадите се празни, луѓето живеат повлечени во домовите, на улиците поминуваат само ургентните возила. Ова е мапата на светот денеска, 170 земји имаат заболени, повеќе од половина милион луѓе се во битка со корона вирусот. Соединетите држави ја надминаа Кина бројот на заболени изнесува 83.836 потврени случаи од КОВИД-19, починати повеќе од 1.200. од 23 март до денеска секој ден се регистрираат повеќе од 10.000 инфицирани. Државата Њујорк стана епицентарот на Ковид 19, со 37.000 заболени.

Италија е и понатаму најподена европска држава, каде Ковид 19 однесе 8.165 животи, а заболени се повеќе од 80.500 луѓе. Шпанија е веднаш зад неа каде само за еден ден починаа 655 луѓе.

Веста од Лондон денеска е дека британскиот премиер Борис Џонсон е позитивен на коронавирусот, а британската Влада објави дека тој ќе продолжи да ја води владата, без оглед на позитивниот тест. Но имаат и план Б, доколико Џонсон не биде во можност да работи, него ќе го замени министерот за надворешни работи Доминик Рааб.

Здраво луѓе, сакам да ве известам во врска со нешто што се случува денеска, а тоа е дека развив симптоми на короновирус. Што се вели – температура и постојана кашлица. А, по советот на главниот лекар, направив тест, кој излезе позитивен. Така што работам од дома. Во самоизолација сум. И тоа е сосема правилно. Но без сомнеж можам да продолжам, благодарение на волшевната современа технологија, да комуницирам со својот главен тим и да ја водам националната борба против коронавирусот, изјави Џонсон во снимката објавена на Твитер.

Научниците во лондонскиот Империал Колеџ проценуваат дека од коронавирусот би можеле да починат околу 1,8 милиони луѓе во светот.

Руската Влада соопшти дека коронавирусот е откриен и во Кремљ, но не е објавено кој е заразен.

Болниците во Париз за 48 часа ќе ги исполнат сите капацитети и повеќе нема да има место да се примат нови пациенти.

Јужна Африка соопшти за први жртви од Ковид-19- 83 починати.

Кина и Јапонија ја спуштаа рампата за странци. Овој потег доаѓа во време кога во изминатите десетина дена во Кина нема локално пренесени случаи на коронавирусот, но бројот на увезени случаи се зголемуваат. Јапонија воведува забрана за влез на странски патници кои доаѓаат од 21 европска земји и од Иран.

Секој кој во Сингапур ги крши правилата за социјално дистанцирање од денеска би можел да заврши во затвор.

Во соседството на Косово има 86 заболени, а Албанија е регистрирана oсмата жртва од коронавирусот.

Србија денеска го отвора белградскиот саем како привремена болница за српските државјани кои со авиони стигнуваат во земјата а мора да бидат тестирани, а таму ќе бидат префрлани и пациенти од другите болници. На саемот веќе има подготвено 3.000 кревети.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ