Драматично се зголемува бројот на починати од коронавирусот во Италија

Смртоносниот биланс од новиот коронавирус во Италија се зголеми на 197, во најголемото зголемување на бројот на жртвите во оваа држава по избувнувањето на епидемијата.

Според италијанските власти, 49 лица починале во последните 24 часа, при што досега се регистрирани повеќе од 4 600-тини случаи.

Со овие податоци, во Италија сега има најголем број смртни случаи надвор од Кина, каде вирусот првично започна да се шири во декември.

СЗО соопшти дека речиси 100 000 луѓе се заразени од коронавирусот во целиот свет, од кои животот го загубиле повеќе од 3 000 луѓе, најголем дел од нив во Кина.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом, оцени дека ширењето на вирусот предизвикува голема загриженост и повторно апелираше до сите држави да преземат се што е во нивна моќ , да го ограничат ширењето на епидемијата.

“Како се зголемуваат случаите, ние и натаму препорачуваме з сите држави ограничувањето на вирусот да биде највисок приоритет. Апелираме до државите да ги најдат, изолираат и да се грижат за секој случај поединечно и да ги утврдат сите контакти. Успорувањето на епидемијата ги штити животите и ни купува време за подготвеност и за истражување и развој” – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом.

Според италијанските власти, просечната возраст на луѓето кои починале во Италија е 81 година, при што најголем дел од нив имале сериозни хронични болести. 72% од починатите се мажи. Стапката на смртност во италија е 4,25%, највисока во светот.

Италија е меѓу земјите со најстара популација во светот а владата оваа недела одлучи во период од 10 дена да ги затвори сите училишта, во борбата против ширењето на епидемијата.

Во Калифорнија, 21 случај на коронавирус е регистриран на крузерот Гранд Принцес кој е под карантин покрај брегот на Сан Франциско. Станува збор за брод од истата компанија како Дајмонд принцес, каде избувна епидемија покрај јапонскиот брег. Над 3500-ти патници и членови на екипажот се под карантин и ќе бидат тестирани.

Во светот, единствено Кина, Јужна Кореја и Иран имаат поголем број смртни случаи од коронавирусот.

Во Кина се регистрирани помалку од 100 нови случаи во минатите 24 часа, што претставува најмалку ширење на епидемијата во последните 7 недели.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ