
Доживотен затвор за Караџиќ
Хашкиот трибунал ја отфрли жалбата на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ и ја зголеми неговата казна на доживотен затвор.
Во 2016-та година, 73-годишниот Караџиќ, беше прогласен за виновен за геноцид и воени злосторства од страна на трибуналот на ОН во Хаг и беше осуден на 40 години затвор.
Караџиќ мирно и без никакви реакции го следеше прогласувањето на пресудата.
Според судот, постоела очигледна и голема неусогласеност меѓу тежината, опсегот и систематската суровост на извршените злосторства и првичната 40-годишна пресуда.
Потоа, некогашниот неприкосновен лидер на србите во Босна беше замолен да стане и да ја чуе конечната пресуда –доживотен затвор.
Повеќето сведоци на процесот, од здруженијата на семејствата на жртвите во Сребреница и Сараво, па се до луѓето кои ги преживеале страотните злосторства во текот на војната во БиХ во 90-тите години од минатиот век, со аплаузи и извици ја прославија пресудата за Караџиќ. Нивната заедничка проценка е дека правдата за жртвите на злосторствата е неопходен предуслов за мир и соживот во Босна.
“Тој доби доживотна казна и сега неговите истомисленици или нека му честитаат или нека размислуваат дали ќе бидат некој следен Караџиќ. Се надеваме дека ќе има мир во Босна, бидејќи само праведната пресуда води кон мир, кон соживотот, код подобриот живот” – изјави Ката Хотиќ од здружението “Мајки од Сребреница”, чии двајца синови и сопругот биле убиени во Сребреница.
“Најверојатно сега е потребно во БиХ конечно да се донесе закон за негирање на геноцидот и да не може ниту едно јавно место, ниту една институција да го носи името на воените злосторници, како што на Пале, студентскиот дом каде што живеат младите, го носи неговото име. Според тоа, тој треба да оди на ѓубриштето на историјата а не да го величаат како национален херој и јунак” – подвлече Претседателот на здружението на родители на децата убиени во текот на опсадата на Сараево, Фикрет Грабовица.
Во Сребреница , армијата на Босанските Срби уби речиси 8 000 мажи и деца бошњаци во местото кое тогаш се нарекуваше безбедна енклава под заштита на холандските мировни сили од составот на Обединетите Нации.
Судот исто така го прогласи Караџиќ за одговорен за опсадата на Сараево, кога во период подолг од 3 години, со проектили од артилериско оружје и снајперски истрели беа убиени повеќе од 10 000 лица.
Никола Илиевски