
Доктори во Германија примале мито за да ја препишуваат терапијата за рак од „Цитосервис“
Германската полиција во Хамбург денеска во соработка со државното обвинителство изврши претрес во фармацевтската фирма „Цитосервис“ (ZytoService), како и во повеќе лекарски ординации, аптеки, една болница, приватни имоти поради сомнеж за измама со лековите против рак.
„Цитосервис“ е водечки производител на инфузии кои се користат во терапијата против рак, и според обвинението, од фирмата ги подмитувале голем број доктори за тие да ја препишуваат нивната терапија. Докторите од 2017-та година добивале од „Цитосервис“ пари во висина од половина милион евра, добивале неповратни заеми, користеле луксузни возила и други погодности, а на некои им била купувана и опрема за ординациите.
Истрагата се води против 14 лица, меѓу кои и тројца аптекари, девет лекари и две лица на високи позиции во фармацевтската компанија. Обвининтелството ги товари осомничените за подмитување, земање мито и сметководствена измама. Една терапија на „Цитосервис“ чини и до 100.000 евра.