
Дипломатско тактизирање или нова трка за вооружување?
По американското повлекување од Договорот за нуклеарни сили, истото денеска го направи и Русија. Одлуката ја објави претседателот Владимир Путин по состанокот со министрите за одбрана и надворешни работи.
Нашиот одговор ќе биде симетричен. Американските партнери изјавија дека го стопираат своето учество во договорот, и ние ќе го прекинеме. Изјавија дека ќе истражуваат и развиваат оружја, и ние ќе го направиме истото, порача рускиот претседател.
Првиот чекор го повлекоа САД, обвинувајќи ја Русија дека со години ги крши основните начела во договорот. Но експертите тврдат дека повлекувањето од договорот е контрапродуктивна и само поразителна стратегија. Тие веруваат дека постоеле други начини да се натера Русија да ги почитува условите од договорот потпишан во 1987 година. Предупредувањата од нова вооружувачка трка на територијата на Европа се повторно во фокусот.
Во отсуство на договорот Русија е целосно необврзана од распоредувањето на ракетни системи со среден дострел, кое и веќе го прави. И кое ќе го зголеми ризикот кон нашите сојузници и напредно распоредените сили во Европа а администрацијата, без договорот нема вистинска стратегија да ја задржи Русија во производството и распоредувањето повеќе ракети со среден дострел, вели Кингстон Риф од Асоцијацијата за контрола на оружјето.
Минатиот декември, Вашингтон и даде на Москва рок од 60 денови да ги повлече распоредените ракетни системи и да почне да ги почитува условите од договорот. Но аналитичарите сметаат дека напредните руски ракетни системи иако се дел од проблемот, сепак не се примарната причина зошто САД го презедоа овој чекор. Главниот виновник за американското повлекување од уште еден меѓународен договор е советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон.
Болтон долго време не го сака договорот, уште дури од 2011. Пишуваше статии предлагајќи САД да го напуштат договорот и ова е само последниот договор за контрола на вооружувањето и неширењето, во чие торпедирање тој одигра клучна улога, вели Риф.
Објавувајќи ја одлуката за повлекување, Путин соопшти дека Русија нема да дозволи да биде вовлечена во уште една скапа трка за вооружување и нема да распореди нови ракетни системи освен ако прво тоа не го направат САД и неговите НАТО сојузници. Тоа не го посакуваат ниту европските земји, ниту НАТО, чиј генерален секретар Јенс Столтенберг оцени дека модерните ракети се мобилни, нуклеарно способни, можат да стигнат до сите европски градови и не оставаат многу време за реакција. Од друга страна Путин ја префрли топката кај Трамп, најавувајќи дека иако и Русија се повлекува од договорот, нема да одбие преговори доколку нејзините предлози бидат прифатени.
Игор Трајков