
Џонсон се откажа од намерата за предвремени избори, засега
Тактиката околу Брегзитот постојано се менува. Борис Џонсон одлучи да не ги исполни барањата на опозицијата за предвремени избори. Попладнево во даунинг стрит 10 се водеше жестока дискусија на оваа тема, но Џонсон сепак се откажа од намерата.
- И без избори, без избори. Јас не сакам избори. Не сакате ниту вие избори. Да продолжиме со агендата на народот, порача Џонсон.
Но, опозициските лабуристи се убедени дека изборите ќе го спречат Џонсон во намерата да спроведе Брегзит без договор на 31-ви октомври. Откако го суспендираше парламентот на пет недели, почнувајќи од 10 септември, на опозицијата и останаа неколку дена за да смисли нова стратегија. Се здружија со поранешните министри од Конзервативната партија и ќе бараат да се активира трајната одредба 24 од законот. Според оваа одредба, прмиерот ќе биде приморан да бара продолжување на Брегзитот за дополнителни 3 месеци, до 31 јануари, ако парламентот изгласа Брегзит без договор на 19-ти октомври, што е ден по следниот самит на ЕУ лидерите.
Џонсон ги повика сопартијците – бунтовници да се вразумат и да не гласаат со Лабуристите, бидејќи после тоа ќе биде доцна за договор со Брисел.
- Но, една работа која не задржува во овие преговори е чувството во Брисел дека пратениците можат да најдат начин да го откажат референдумот или утре да гласаат со Џереми Корбин за уште едно непотребно одложување. Мислам дека нема да гласаат, се надевам. Но, ако гласаат, болно ќе ги исечат нозете на британската позиција и понатамошните преговори ќе ги направат невозможни, рече Џонсон.
Но, на ториевците бунтовници не им е дозволена толкава слобода. Наводно добиле закани дека ќе бидат избркани од партијата ако се здружат со Корбин. Џонсон го одржа говорот и си замина без да одговори на новинарските прашања. Демонстрантите го исвиркаа и извикуваа „сопрете го пучот“. Народот е збунет од новата комплицирана ситуација. Дополнително што, владата почна да ги информира луѓето за Брегзит без договор преку билборди и рекламни кампањи.
Редовни избори во земјата се закажани за 2022-ра, но предвремените би биле голема замка, сметаат познавачите. Брутално е јасно дека гласовите на опозицијата на избори би се поделиле, и во британскиот систем тоа би овозможило лесно мнозинство на ториевците.
Алиса Шутиноска