Џонсон ризикува да заврши како Меј

Британскиот премиер Борис Џонсон, барајќи предвремени избори на 12 декември, ризикува да падне во истата стапица како неговата претходничка Тереза Меј во 2017-та. Меј наследувајќи го тенкото мнозинство на Камерон, распиша предвремени избори за да ја зајакне својата позиција во очи на почетокот на Брегзит, но на крајот беше приморана да бара помош од Ирците за да ја формира новата влада. Парламентот три пати го одби нејзиниот договор за напуштање на унијата по што беше присилена да се повлече. Сакајќи да го избегне истото сценарио, Џонсон при првата парламентарна блокада побара предвремени избори, откако спротивно на сите очекувања успеа да издејствува нов договор со Брисел.

Сетете се, рекоа дека нема повторно да ги отворат преговорите за повлекување, не можевме да излеземе од работата која не кочеше, но успеавме. Дополнително и парламентот се согласи дека тоа е добар договор, но потоа одбија да го имплементираат,

вели британскиот премиер.

Позицијата на Џонсон и неговата Конзерватицна партија е дека Брегзит мора да биде завршен. За разлика од нив опозициските партии имаат различен став, Џереми Корбин и Лабуристите бараат комплетно нов договор а Либералите одлучија дека сакаат Обединетото Кралство да остане во ЕУ.

Само Лабуристичката влада би имала доверба во народот да го каже последниот збор за Брегзит. Договорот за Брегзит на Борис Џонсон ќе нанесе непоправлива штета врз нашата земја. Вистинската агенда на Борис Џонсон и Ториевците е всушност да ја претворат оваа земја во даночен рај на европските брегови,

тврди Корбин.

Во моментов Џонсон има солидно водство, според анкетите, од 15 проценти, но Тереза Меј имаше уште поголемо во 2017-та, кое беше речиси нулирано од Корбин во текот на кампањата. Тереза Меј имаше далеку поцврста позиција во партијата одколку што Џонсон има сега, а целата негова подршка е центрирана околу перцепцијата дека тој е единствениот човек кој може конечно да го заврши Брегзит. Гледајќи го како слаб кандидат, Ториевците стравуваат дека со распишувањето на предвремените избори му дадоа шанса на „социјалистот“ Корбин да го запоседне Даунинг стрит 10.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ