
Џонсон пред нова битка во британскиот Парламент
Нова битка во британскиот парламент. Опозицијата заедно со 20-тина пратеници од владејачките Ториевци ја надминаа првата пречка, откако доцна синоќа со 328 гласови ЗА и 301 „против“ ја вратија контролата врз работата на парламентот. А денеска на маса е ставен законот на Лабуристите со кој ќе се бара одложување на Брегзит, за три месеци – доколку до 19-ти октомври Борис Џонсон не успее да го потврди новиот договор со ЕУ. По дебаклот, Џонсон рече дека парламентот е на работи да уништи секаков договор и се закани со предвремени избори.
- Не сакам избори, но ако пратениците гласаат за да ги спречат преговорите и да издејствуваат уште едно непотребно одложување на Брегзит, можеби со години, тогаш тоа е единствениот начин да се реши ова, рече Џонсон.
Лабуристите вратија дека ќе го донесат законот пред да се закажат изборите. Се уште не се знае точниот датум за предвремените избори, но се размислува за 15 октомври, два дена пред клучнот самит на ЕУ лидерите кога ќе треба да се одлучи за тоа дали да се отвори веќе потпишаниот договор. Предвремените избори се многу комплицирана работа во овој момент. Опозицијата, која ја има поддршката, нормално е да сака избори, но овојпат нема да бидат дел од потребното двотретинско мнозинство, бидејќи прво ќе сакаат да го изгласаат својот закон, за кој сепак постои процедура.
- Но, законот мора да помине низ Парламентот (долниот дом), кој секако не е сигурен, а потоа треба да помине и во Горниот Дом (лордовите). А таму има многу лордови кои во најголем дел сакаат Брегзит, и на кои не им се допаѓа овој закон. Затоа ќе се обидат да направат „филибастер“ – тоа е политички жаргон за дебата, дебата, со цел да истече времето за законот, оценува професорката по европско право на Универзитетот Кембриџ, Кетрин Барнард.
Низ улиците на Лондон денеска олеснување, откако народните претставнци ја вратија контролата врз парламентот. Сепак, луѓето не знаат веќе што да очекуваат.
- Само гледам како во некој хорор за она што се случува во земјава. Ние сме демократија, а се чини како светот да полудел. Секој ден е нов, и се будиш и слушаш нешто и си вели „навистина?!“. Не знам што да мислам или да очекувам, вели жителката на Лондон, Алисаон Хал.
Од Брисел потврдуваат дека и покрај турбуленциите во Лондон, нивната позиција останува стабилна. Чекаат да видат некој конкретен предлог, кој ќе го ублажи ударот за двете страни. Но, свесни се дека останува малку време, и дека се оди по патеката за хаотичен Брегзит без договор.
Алиса Шутиноска