Џонсон: Напуштање без договор е единствената алтернатива на Брегзит

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска порача дека приоритетот на неговата влада е да го заврши процесот на Брегзит и да излезе од ЕУ на 31 октомври.

Нека не постои сомнеж дека единствената алтернатива на нашите предлози кои ќе му ги понудиме на Брисел е напуштање без договор, категорично најави Џонсон пред своите сопартијци.

Тој исто така упати жестоки критики до пратениците во Долниот дом кои усвоија закон со кој му се забранува да го извади Обединетото Кралство од Унијата и му наложува да побара ново одложување на Брегзит.

Тажната вистина е дека гласачите имаат поголемо влијание врз „Јас сум славна личност“ отколку што го имаат врз овој Парламент кој одбива да го испорача Брегзит, одбива да понуди било што конструктивно и одбива избори. Токму во моментот кога гласачите очајно сакаат да им се посветиме на нивните приоритети ние продолжуваме да ја џвакаме супер пластифицираната тема Брегзит – изјави Џонсон.

Британската влада денеска најави дека ќе ја објави листата со предлози во исто време кога ќе ја достави и до Брисел.

Џонсон ќе разговара со претседателот на ЕК во заминување Жан Клод Јункер а кратко потоа ќе се сретнат и преговарачките тимови.

Комисијата внимателно ќе ги разгледа предлозите затоа што претпочита уредно истапување на Британија од унијата со претходно постигат договор наспроти алтернативата на еднострано повлекување, порачаа од Брисел.

„Работиме да постигнеме договор и секој договор, секако ќе биде добар договор –изјави портпаролот на ЕК, Мина Андреева.“

Прашањето за Северноирската граница од самиот почеток на преговорите е спорна точка а токму предложеното решение во договорот на Тереза Меј ги натера пратениците три пати да го одбијат, одложувајќи го Брегзит за 6 месеци. Британските медиуми откриваат дека новите предлози од Џонсон предвидуваат останување на Северна Ирска во европската царинска зона до 2025 година, по кој период Белфаст ќе одлучи дали ќе задржи правилата на унијата или ќе ги прифати новите на Лондон, како и сет софистицирани технолошки мерки за да се избегнат класични гранични контроли.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ