Деветмина мртви и еден исчезнат во невремето во Италија

Девет лица загинаа, а едно се смета за исчезнато по невремето кое ја зафати Италија. Во невремето се уништени голем број патишта во земјата и поплавени се неколку градови и населени места.

Во невремето се повредени десетици лица, меѓу кои и неколкумина пожарникари.

Италијанските спасувачки служби соопштија дека вчера биле регистрирани околу 7.000 инциденти, на кои одговориле околу 5.800 пожарникари.

Поголемиот дел од северна Италија и денеска се под закана, откако два дена беснееше бура, со налети на ветрот до 180 километри на час.

Околу 70 отсто од Венеција е под вода откако невремето во изминатите два дена донесе врнежи од дожд какви што со децении немало во овој италијански град. Нивото на водата во морето е поголемо за 150 сантиметри од вообичаеното што е највисоко во последните 10 години.

Туристите и жителите мораа да облечат високи чизми за да можат да се движат по улиците на Венеција, А властите привремено го укинаа водниот автобуски сообраќај.

Вонредна состојба има во Хрватска, а на Јадранот брановите достигнаа  висина од 7 метри.

Ветрот дува со брзина од 50 до 60 километри на час.

Воената морнарица е подготвена да им помогне на цивилните бродови.

Поради невремето во прекин се траект линиите од копното кон островите Вис, Хвар, Шолта, Брач, Корчула и Ластово.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ