Десетици илјади мигранти повторно на грчката граница

18.000 мигранти веќе ја поминаа границата со Грција, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и најави дека во следните денови бројот може да достигне 30.000. Во моментов на турска територија се наоѓаат 3,7 милиони сириски бегалци и мигранти а Ердоган тврди дека неговата земја повеќе не може да се грижи за нив и ја обвини ЕУ дека не си ги исполнува ветувањата.

Од сега па натаму нема да ги затвориме портите и ова ќе проложи. Зошто? ЕУ мора да си го одржи зборот, мора да си ги одржи ветувањата. Немаме обврска да храниме и да се грижиме за толку многу бегалци. Ако сте чесни, ако сте искрени, тогаш мора да го споделите товарот, порача Ердоган.

Потегот доаѓа откако ескалираше ситуацијата во североисточната сириска провинција Идлиб со воздушниот напад врз турските сили во кој загинаа 33 војници. Анкара веднаш одговори со контранапади таргетирајќи 200 сириски позиции а Ердоган веднаш порача дека ги отвара границите за мигрантите.

Работев во Турција да заработам за да дојдам тука, но пријателите ми јавија и рекоа дека вратата е отворена, Турција ја отвори вратата, И затоа тргнав за да дојдам тука. И сега сум тука, вели 17 годишниот мигрант од Иран Али Никад.

Грција веднаш ги затвори границите но мигрантите наоѓаат начин како да поминат.

Грчката гранична полиција спречила повеќе од 4.000 нелегални преминувања, но продолжува да биде во трка да ги затвори дупките кои мигрантите ги отвараат во оградата на границата со Турција. Локалните жители велат дека ситуацијата синоќа била хаотична.

Имам фарма и мигрантите поминуваат секоја вечер, но вчера како да се отворија вратите на пеколот. Поминаа можеби 150 луѓе, можеби 180-200 луѓе, вели Димитрис Филипидес, жител на Неа Виса.

Во 2016-та година Турција и Брисел постигнаа договор Анкара да ги прифати сите нелегални мигранти од Европа и да ги запре нелегалнит епрминувања на нејзината граница во замена за европска помош. Од тогаш Ердоган постојано се заканува дека ќе ги отвори границите за мигрантите, што и го направи вчера. Капката која ја прели чашата е сириската повинција Идлиб, која е последниот регион се уште под контрола на сириските бунтовници, дел од нив подржани од Турција, и регион кој сириската влада на Башал Ал Асад, со помош на Русија се обидува да го врати под контрола. Ердоган денеска му порача на рускиот претседател Владимир Путин да се тргне настрана и да ја остави Турција да го направи тоа што е потребно за конечно да ја реши ситуацијата во Сирија.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ