
Десет месеци протести на „жолтите елеци“, нови солзавци и апсења
И покрај тоа што за време на летните месеци, жолтите прслуци ги стивнаа своите активности, сепак не се откажуваат од протестите. Париз и денеска беше задимен од чадните бомби, солзавецот и гумените куршуми, кои полицијата ги фрлаше за да ги растера разгневените демонстранти. До пладне се уапсени 90 луѓе, а стотици се спречени да се соберат на Шанзелизе, и во центарот на градот каде веќе е забрането да се одржуваат протести.
7.500-тини полацијци ги растеруваат малите групи, а кои полицијата ги нарекува радикални црни блокови, за кои се убедени дека се инфилтрираат во протестите и ги предизвикуваат нередите. Повеќе од 30 метро станици се затворени. Протестите на жолтите елеци почнаа на 17-ти ноември минатата година, најпрво против поскапувањето на горивотот, но брзо прерасна во движење против владата на Макрон. Во текот на пролетта тие се обидоа да седнат на иста маса со министрите, но разговорите не вродија со плод. Движењето полека почна да ја губи својата страст, а денеска голем дел од демонстрантите и не ги носеа флуоресцентите елеци по кои движењето го доби името. Останува да се види каква стратегија ќе спроведе движењето за време на зимските месеци и дали конечно ќе им успее да издејствуваат решение од Макрон. Претседателот повика денешните протести да бидат мирни, истакнувајќи дека е добро луѓето да се изразуваат на ваков начин. Тој во интервју за Тајм рече дека движењето била добра лекција за него, бидејќи го натерале повеќе да ги слуша луѓето и да комуницира со нив. Но, Макрон е соочен со нови масовни протести кои полека во Франција стануваат секојдневие. Откако владата ги најави реформите за подоцна одење во пензија, како и укинување на бенифицираниот стаж кој го уживаат превозниците во јавниот транспорт.
Колку и дали Макрон ќе ги сослуша и новите демонстранти, останува да се види.
Алиса Шутионска